Државното јавно обвинителство вчера се јави со соопштение во кое ги објави резултатите од контролата на работата на струшкото Основно и битолското Вишо обвинителство за нивната работа во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Но, и со редица препораки за натамошни активности, како и дополнителни мерки со цел јакнење на отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на јавнообвинителското постапување.
Просто фрапантно делува податокот дека против струшкиот градоначалник во изминатите години биле отворени дури 30 предмети од кои активни се само осум и тоа во различна фаза.Меѓутоа, посебно бодат очи дополнителни мерки, со цел јакнење на отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на јавнообвинителското постапување. А еве што велат тие:
а) Писмено укажување до сите Виши и основни јавни обвинителства за ажурирање на постапувањето во сите предмети, особено во предметите кои се однесуваат на кривични дела од областа на корупцијата и во предметите кои се однесуваат на избрани и именувани функционери.
б) Писмено укажување до Вишите јавни обвинителства за задолжителна контрола на постапувањето по предметите против избрани и именувани лица при секој редовен надзор во основите јавни обвинителства во нивна надлежност.
в) Јавниот обвинител ќе иницира средба со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и други надлежни органи и институции, со цел активирање на национален фронт за борба против корупцијата. Во рамките на своите надлежности како орган кој раководи со истражната постапка, Јавното обвинителство ќе им даде конкретни насоки на останатите институции од правосудната полиција за динамизирање на нивните постапки, ќе инсистира на соработка и ќе побара сите други институции да одговорат со максимални напори и вложувања во борбата против криминалот.
г) Ќе се иницира средба со Здружението на јавните обвинители за да се разгледа можноста да се воспостави канал за пријавување на обиди за притисоци и влијанија врз јавни обвинители. Со тоа ќе се отвори можност за пријавување и од граѓаните, од другите институции, но и од самите јавни обвинители, а обвинителството ќе воспостави механизми за проверка на ваквите наводи.
Од ЈОРМ, посочуваат дека во овој процес очекуваат поддршка од јавноста, но и од меѓународните институции и организации кои ја следат нивната работа.
По внимателното читање и на препораките и на дополнителните мерки и активности, се поставуваат неколку прашања.
На пример, зошто државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски чекаше американскиот Стејт департмент да го стави Мерко на црната листа, па да изврши контрола врз работата на двете обвнителства? Зошто самиот до тогаш не преземал ништо? Зошто во изминатите години од неговиот мандат не ги издал ниту препораките, ниту мерките за јакнење на довербата во јавнообвинителскиот систем на државата? Или веќе се гледал во фотелјата и функцијата на уставен судија и ништо друго не го интересирало?
Секој одговор на овие прашања би бил излишен. Зашто, со фактот дека до сега не сторил ништо од ова, самиот потврдува дека е обичен партиски војник и послушник, кој нема ништо заедничко со професионалност, личен интегритет, достоинство и достојност за извршување на функцијата.
А, ако не поседува ништо од ова, тогаш како може поинаку да ја извршува функцијата на уставен судија? Оттука, Јовевски не треба да чека на реакција на предлагачите, туку самиот мора да се повлече и јавно да се откаже од понудата!
И пред да го стори тоа, му останува уште една работа-по се што му се случи, добро да размисли дали и натаму воопшто треба да остане на функцијата државен јавен обвинител или е време барем за достоинствено заминување во заслужена пензија!
За да си ја олесни одлуката во преден план мора да ја има предвид вчерашната изјава на евроамбасадорот Дејвид Гир, кој посочи дека во многу клучни области реформите кои што се поддржани од страна на ЕУ и други донатори не напредуваат како што требало, а во некои случаи има и негативен развој на настани кои не очекувале да ги видат од земја која започна преговори за пристапување во ЕУ.
-Овој законодавен дом има голема улога која може да ја одигра со тоа што ќе го одблокира носењето на клучни закони и ќе го обезбеди соодветното функционирање на други важни институции, порача Гир.
Повеќе од сигурно е дека евроамбасадорот ги имал предвид и обвинителството и комплетирањето на Уставниот суд.
Comments are closed for this post.