Знам дека нема потреба особено да го охрабрувам Алексис, но еве и јавно ќе порачам дека по крајот на една ера секогаш доаѓа нова, а ние, современите социјалдемократи, секако ќе бидеме витален дел од одбраната на демократијата и во новата ера, каква и да е, вели поранешниот македонски премиер Зоран Заев за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“, коментирајќи ја оставката на Ципрас од лидерската позиција во СИРИЗА.

Новинарот пишува дека телефонскиот разговор што го имал со поранешниот премиер, Заев го започнал со фразата „Алексис Ципрас за мене е како брат“ и со задоволство прифатил да говори за сега веќе поранешниот лидер на СИРИЗА и да му упати порака преку весникот.

Заев истакнува дека оставката ја гледа како „чин на преземена одговорност пред членството на СИРИЗА и пред грчкиот народ“ и додава дека „од врвни демократски политичари како него треба да се очекува токму тоа, искрена борба за цели и идеали, но и отчетност и одговорност“.

Ваквите промени на политичката сцена треба да се гледаат како моменти за пресврт, за промислување, за нови стратегии и планови, за иноваци и креации. Ципрас веќе е препознаен како историска личност на современата грчка и европска политика. Тој е демократски левичарски капацитет кој ги инспирираше левичарите, социјалистите и социјалдемократите во регионот и пошироко. Сигурен сум дека неговото визионерство, широкоградост и мудрост ќе продолжат да нѐ инспирираат без разлика на неговата оставка, истакнува Заев.

Тој потенцира дека нема простор за големи разочарувања, бидејќи „Алексис е тука, здрав, жив, витален“ и изразува убеденост дека „ќе изнајде безброј други начини да продолжи да придонесува кон приниципите на солидарноста и соработката и кон јакнење на грчкото и европското социјалдемократско семејство“.

Во однос на Договорот од Преспа, поранешниот македонски премиер вели дека за време на преговорите наспроти него имал „вистински лидер, голем патриот, пријателски настроен, позитивен и целосно посветен на она што се обидувале да го постигнат“.

Од денешна перспектива, сигурен дека Договорот од Преспа немаше да беше можно да се создаде со било кој друг грчки актуелен современ политичар. Оттука, големината на Ципрас не исклучителна само поради креативноста и квалитетот на решенијата од договорот, туку и поради контекстот, историјатот и околностите на балканската и европската политичка мапа изминативе 30-ина години, посочува Заев.

На новинарот му рекол дека она што го постигнале со Ципрас во Преспа „охрабри многу лидери во светот да преземат суштински чекори за мир и да потпишат договори за доброто на нивните народи“.

Мислам дека најважното нешто за Алексис Ципрас, најважното нешто за еден лидер, е тоа што не му беше важна политичката цена, туку само интересот на неговиот народ и неговата земја, истакнал поранешниот премиер во разговорот со новинарот од „Ефимерида тон синдактон“.

Заев паралелно се потсетува и на денот кога беше постигнат договорот и кога преминале на македонската страна од Преспанското езеро, а присуството на Ципрас ги освоило граѓаните, додавајќи дека можеби и се вратил гладен во Грција бидејќи постојано бил меѓу народот, а се осврнува и на моментот кога му ја подари вратоврската.

Освен нашите преговори, беше под голем стрес и за решавање на прашањето со долгот на Грција. Многу интензивно се сеќавам на ова, со мене ја споделуваше неговата загриженост како ќе успее да го постигне тоа. Тогаш ми кажа дека ќе стави вратоврска само ако го подмири долгот. Затоа му ја подарив, бидејќи бев сигурен дека ќе успее. И успеа!“, истакнува Заев.

За конкретната вратоврска, Ципрас во интервју за МИА пред откри дека ја чувал во фиоката од бирото, за како што рече, да го потсетува „на историскиот момент, на храбриот чекор напред за пријателство и соработка народи, што беше потпишувањето на Договорот од Преспа“