Во ист ден, шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, излегоа со речиси идентичен став, што треба да претставува еден вид притисок за уставните промени. Но, свесно или не, намерно или не, сите тројца и дадоа пас на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за да ја исчистат од било какви обвиненија за антиевропејство или за некакво имагинарно русофилство.
Премиерот Димитар Ковачевски, на одбележувањето на 70 години од основањето на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков” и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” од Крсте Мисирков, одново посочи дека во Македонија и надвор од неа, има сили со ист извор, кои се обидуваат да го забават напредокот на државата кон ЕУ. Притоа не посочи за кого станува збор, но додаде дека нивната тактика е тоа да го прават преку лаги за македонскиот идентитет.
-Некои сили внатре во државата, но и надвор од државата, со ист извор, се обидуваат да го забават или запрат напредокот на нашата држава и европската иднина на нашите деца. Тоа го прават со лаги, злоупотреби за најчувствителната точка – македонскиот идентитет. Со тоа нанесуваат огромна штета, токму на нашите идентитетски определби, изјави Ковачевски.
Гласот на Америка на македонски јазик вчера пренесе изјави на претседателот Пендаровски и на директорот Муслиу околу улогата на дезинформациите во медиумите и влијанието на Москва врз политиките во земјите од Западен Балкан и, нормално, Република Македонија меѓу нив.
-Нашата држава за жал, е релативно лесна цел на дезинформациските кампањи поради слабата институционална и општествена отпорност кон нив. Она што претставува предност на демократските општества во нормални околности, за жал, е најголема потенцијална слабост во услови на внатрешна и надворешна поларизација. Руската агресија врз Украина создаде не само реален фронт на истокот од Европа, но и пропаганден фронт на Балканот, бидејќи кога агресорот ја губи битката јасно е дека ќе настојува да отвори нов фронт за да си ја олесни положбата. Не смееме да ги игнорираме индициите дека зад проблемот со нашите евроинтеграции или зад тензиите во Косово и во Босна и Херцеговина, покрај објективните прашања и проблеми кои не се решени, има и голема количина на дезинформации и тн. непријателско поттикнување, рече Пендаровски.
Една од клучните алатки, кои Кремљ ги користи на Западниот Балкан, е историјата. Токму играњето на оваа карта, како што велат од разузнавачката заедница, е темелот на руската хибридна стратегија за регионот. За остварувањето на целта се користат сите елементи во општеството – од црквата, до медиумите.
-Москва во нејзината стратегија ја гледа историската меморија во Источна Европа и во Западен Балкан како главна можност за креирање спротивставени наративи, внатре во општествата, но и меѓу државите, преку манипулација на историски факти. И ние бевме сведоци и жртва на тоа. Тоа треба да влијае врз политичките одлуки во регионот преку притисокот кој би произлегол од емотивни реакции кај граѓаните и кај политичарите од отворените историски прашања. Бевме сведоци на тоа. Кремљ ги користи дипломатските капацитети во регионот за да ги контролира алатаките кои помагаат во пропаганда и лажење, се мисли на НВО, црковен клер, политички субјекти, медиуми, новинари…, изјави, пак, директорот на Агенцијата за разузнавање Муслиу.
По ваквите изјави станува повеќе од јасно каква визија имала ВМРО-ДПМНЕ, која не го потпиша Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија токму поради „заедничката историја“. За жал, тоа го стори власта предводена од СДСМ, што значи дека Зоран Заев, Пендаровски, Ковачевски, а со нив и Муслиу го прифатиле креирањето спротивставени наративи меѓу државите, односно соседите, па и во општеството под диктат на Москва и нејзиното влијание врз Софија! Само што тоа, за жал, го согледуваат со неколкугодишно задоцнување! Што ќе рече дека Кремљ е закотвен во власта!!!
Ова, се разбира, ако не мислат и се убедени дека нашиот, македонски наратив и целата историска меморија, целата македонска историска наука и историографија биле со децении и децении целосно манипулирани и пишувани од страна на Москва!!! Исто како што смета официјална Бугарија!!! Па сега новинари платеници мораат да одат во Мала Преспа за да не убедуваат дека Цар Самоил бил бугарски, исто како што прифатија нашите „историчари“ од историската комисија, наспроти сите научни тврдења на нашите историски експерти и медијависти, кои се веќе и меѓународно признати и докажани.
Бати логиката! Наместо да бара вина во неговите претходници, кои не ги согледале последиците од Договорот, првиот контраразузнавач им вели на етничките Македонци дека се жртви на сопствената црква и на сопствената вековна историска меморија! Зошто? За да ги прифатат уставните измени на патот кон членството на ЕУ и со тоа одново да станат жртви и на руската и на бугарската шовинистичка и хегемонистичка политика!?
Значи, сите, па и медиумите се виновни, само нашата власт не е! А, каде беше да мисли кога прифаќаше и потпишуваше се што ќе им понуди Бојко Борисов алијас Тиквата?
Што се однесува до медиумите, пак, еве ќе потсетиме на едно истражување на невладината организација Национален фонд за демократија од Бугарија, значи не наша, туку бугарска, спроведено во текот на 2022 година, по руската воена агресија врз Украина. Резултатите од истражувањето беа објавени пред пет месеци, поточно на 18 јануари годинава, а ги обелодени сајтот сега.бг.
Па така, според резултатите од истражувањето, од осум држави на Балканот, петте најчитани информативни сајтови во Република Македонија минатата 2022 година најмалку користеле руски извори на информации.
Македонските портали во текот на 2022 година пренеле само 615 информции од Раша тудеј, ТАСС, РИА, Новости и Спутник.
Со истражувањето биле опфатени Република Македонија, Албанија, Косово, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугрија.
Најмногу информации од наведените руски медиуми биле пласирани во Бугарија, дури 6.090.
Најверојатно ова било и причината, што Сега.бг текстот го имаше насловено како „Руската шпионажа кај нас (Бугарија н.з.) цвета“.
Comments are closed for this post.