Школата за млади лидери може да се користи како модел за промена на доминантната образовна парадигма, која треба да биде ориентирана кон решенија. Со тоа се создава нова генерација лидери со вистински вредности кои нема да бегаат од проблемите, туку ќе ги решаваат.
Лидери кои нема да доминираат и дискриминираат, туку ќе соработуваат и вклучуваат. Лидери кои наместо страв ќе шират надеж и во своите општества и во светот, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во своето синоќешно обраќање на Парискиот мировен форум, соопшти неговиот кабинет.
Говорејќи за Школата за млади лидери, што девет години се одржува по негова иницијатива, претседателот Иванов рече дека е создаденпрепознатлив модел што инспирираше и други актуелни и поранешни шефови на држави да започнат свои лидерски школи.
Мојата порака до вас, лидерите на денешницата е: Не гледајте до следните избори, туку до следните генерации. Инвестирањето во идните лидери треба да стане нова мода, нов тренд. За вакви идеи не треба да се бараат авторски права. Ова е многу потребно во секое општество. Би бил пресреќен доколку чујам дека и други шефови на држави и влади формирале лидерски школи. Дека на идните лидери им дале внимание, афирмација и грижа, и со тоа ги подготвуваат да го преземат кормилото. Само така успехот ќе стане основа за нов успех. Бидејќи, преку инвестирањето, младите лидери се повикани да ја препознаат и одговорноста како идни лидери, рече претседателот Иванов.
Во своето обраќање на Парискиот мировен форум, Иванов рече дека досега на Школата за млади лидери учествувале над 350 млади луѓе од Македонија и светот, кои беа обучувани од над 200 врвни лидери од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.
На нашето Школо, младите лидери имаат шанса да разговараат очи во очи со некои од најуспешните лидери на денешницата и од нив да учат како да ги применат знаењата и вештините. Станува збор за интердисциплинарно и апликативно знаење, практични совети и менторство од врвни светски лидери, рече претседателот Иванов.
Можеби најважното нешто што сакаме младите да го научат е лекцијата за моралното лидерство. Стана популарно да се вели дека не е важно дали некој политички или бизнис-лидер е морален или не, сè додека добро ја извршува работата. Способноста, а не карактерот, е она што е важно. Но, прагматизам без морал води кон краткорочни решенија со долгорочно штетни последици. Лидери без морал се дел од проблемот, а не од решението, рече претседателот Иванов.
Бројни млади лидери од претходните генерации, рече претседателот Иванов, веќе почнаа да заземаат одговорни лидерски позиции во различни општествени сфери и да стануваат позитивен пример за другите. Тоа, според претседателот Иванов, се млади луѓе кои своите погледи ги насочуваат кон иднината, кои размислуваат за иднината и кои сакаат да ја достигнат иднината, не само за себе, туку за што повеќе луѓе во општеството.
Благодарение на сево ова, Светскиот форум на бизнис-ангели ја прогласи Школата за млади лидери за најдобар социјално-одговорен проект во Европа за 2017 година, рече македонскиот претседател.
Реализацијата на Школата за млади лидери, рече Иванов, е целосно финансирана од приватниот сектор од Република Македонија, но и од глобалните брендови.
Станува збор за компании што ја препознаа важноста и вредноста на нашиот проект и ја поддржаа нашата мисија, уверени дека инвестираат во идните општествени лидери. Школата основана од претседателот на државата, а финансирана од приватниот сектор,е пример за јавно-приватно партнерство кое има за цел да инвестира во општеството и иднината, посочи Иванов во своето обраќање на Парискиот мировен форум.
Претходно, претседателот Иванов присуствуваше на отворањето на Парискиот мировен форум, каде се обратија претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, канцеларот на СР Германија, Ангела Меркел и генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш.
Претседателот Иванов, на покана на францускиот претседател Макрон, вчера присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата Светска Војна, што се одржа пред Триумфалната капија во Париз.
Comments are closed for this post.