Владата ја води ДУИ, СДСМ е само подизведувач, од секој државен тендер гледаат личен профит, истакна вечерва од трибина во Штип лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.Во продолжение интегрален текст од говорот на Мицкоски:

Добра вечер Штип,Добра вечер за градот кој секогаш бил бунтовен предвесник на промените.Штип кој е центарот на Македонија.Градот верен на сите историски премрежја на нашата Македонија.

И затоа е особено чувството кога говорам пред вас, и вие кои ме знаете мене, и дека овој град има посебно место во моето срце и секогаш ќе го има моето внимание. Ви благодарам Штип.

Град и регион кој е реален показател за состојбите каде сме, како живееме и што треба да направиме за да се променат работите.

Денес народот живее тежок живот.

Многу проблеми, многу предизвици го мачат секое македонско семејство. Тоа се гледа во очите на македонскиот народ, кој е измачуван од истите прашања за истите теми овие 32 години.

Како на лента се повторуваат проблемите, иститеДУИ, со подизведувач СДС.

Тие неколкумина кои раководат со државата се едната иста клика, која го предизвикува истиот хаос кој го мачи народот.Имаме ДУИЗАЦИЈА на системот кој ни носи ДУИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА.

Тоа не е само политичкоокупирање на институциите, туку еден изветоперен систем на невредности, на криминално однесување кое го труе системот и секоја здрава клетка. Притоа храброста не им произлегува од тоа што се навистина такви, туку затоа што таа ДУИЗАЦИЈА со подизведувачот СДС го зафати и судството и обвинителството, кое пак им е гаранција дека нема да одговараат за криминал што го прават.

Притоа секогаш кога ова јавно ќе го споделам тие одма дефокусираат прикажувајќи го како напад против Албанците. Ова не е напад против Албанците, туку напад кон оној мал број луѓе од таа каста кои ги крадатАлбанскиот народ исто како и Македонскиот, а се нарекува ДУИ, со подизведувач СДС.

Овие денови морам да споменам почитувани штипјани најгласен е муабетот во одредени политички колуари дека Ковачевски кој работи како помал бизнис партнер на ДУИ во владата, веќе еднаш си поднел писмена оставка до собранието. Па овие кои се многу свесни дека со поадот на власта доаѓа и одговорност, многу жестоко го убедувале во спротивното. Талат и останатите од компанијата го убедувале да не си даде оставка, затоа што знаат дека од правдата нема бегање. Значи иамме премиер кој утрото се буди, попладнето си дава оставка, а вечерта се премислува затоа што на човекот тоа место му е подарено и не му се одговара толку брзо, па си вика, да се тргнам и да се спасам на време. Па еве од овде од Штип сакам да му порачам: Ковачевски не мачете се и престанете да ја тонете Македонија, дајте си оставка. Оставка на цела влада.

Прифативте улога со која не можете да се носите.

Немавте храброст за дебата за договорот со Коридорот 8 и 10 Д, барем имајте храброст да ставите потпис на вашата оставка.

Оставка барем да не го загубите достоинството ако барем и малку ви преостана. Оставка затоа што со секој ден мислење дали да ја дадете или не, дополнително ја тонете Македонија. Направете го чекорот, охрабрете се и дајте оставка, така ќе ја спасете Македонија и ќе направете едно нешто добро во овој малку мандат што ви остана.

А и да ви кажам за да знаете..ниту една оставка нема да ви биде бегство од одговорноста која следи. Ќе одговарате за секој денар и ќе ве гони правдата се додека не го вратите и последниот украден денар.За ова го имате мојот збор.

 

Сакам да отворам и една друга тема која исто така силно го мачи нашиот народ. Овие 32 години променија име,променија знаме и устав. Се направи Рамковен договор, се зборува за проценти, заштитени права. Денес и Бугарите силно притискаат за нивните неразумни барања за историјата, јазикот. Повторно на удар е нашиот народ. Се наметна чувството дека Македонците треба од нешто да се откажат за да се напредува, дека треба се нешто да дадат во име на светлата иднина на сите.

Притоа не оспорувам права на никому, но не може постојано да се чека од Македонците нешто да губат, без да се постави прашањето што е тоа што кога го добиваме како народ и држава за возврат кога ги правиме сите овие отстапки?

Што добиваат Македонците од овие откажувања кои се на сопствената штета и зошто никој не се изборил за повеќе.

Затоа е чувството на фрустрација, апатија и одземена надеж. Затоа што никој од власта не се бори за среќата на Македонците, а постојано се зголемува списокот со барања. И затоа е отпорноста кон било кое решение кое ќе се предложи од владата, а кое лажно ќе ни се претстави како блескав начин да се отиде понапред. Меѓудругото стравот е и поради искуството со поразите откажувањата и себепорекнувањата на штета на Македонците.

А кога сме на оваа тема нема ниту еден голем проект на владата ниту за Штип ниту за цела Источна Македонија. Сега зборат за оној сомнителен проект за поврзување на делови од коридорот 8 и 10Д, збори ли некој за гранично поврзување со експресен пат на Делчево или Крива Паланка, зборат ли за нов автопат во Источна Македонија или некој експресен пат. Дури и карго Аеродромот што им беше договорен од ВМРО-ДПМНЕ да се изгради го откажаа, а парите ги потрошија.

Остана Истокот на експресните патишта што ги проектираше и чии финансии ги обезбеди ВМРО-ДПМНЕ, се уште ги прават и не ги довршија, за нови не се ни збори, а не пак да се прават. Штипската болница не ја чепнаа, иако беше започната со изградба. 6 години шајка не заковаа. А времето си врви.

Јас сакам да зборувам за повеќе економски развој, за повеќе добро платени работни места, за повеќе инвестиции и технолошки развој. За повеќе шанси за сите граѓани. За враќање на чувството на достоинство и гордост какво Македонецот не го почувствувал долго време.

Сте се запрашале кој е нашиот нов 8 Септември?

. Кој ќе биде нашата нова голема гордост и враќање на она чувство на исполнетост и победа кое децении го нема, а во деведесеттите на прагот на формирањето на независноста го имаше премногу.

За таквите чувства треба заедно да се избориме, а новиот 8 Септември е денот на падот на оваа влада на ДУИ подржана од помалиот партнер СДС. Заедничкиот патриотизам е всушност заедничката победа и концептот на нова страница во нашето живеење која ја враќа надежта и создава нова иднина.

За нови национални победи, за нови победи и за Македонците и за сите граѓани на Македонија. Концептот за заеднички патриотизам е за рушење на бариери, градење мостови на големи чекори напред.

Државата е на колена поради неуспесите кои ги создава власта. Државата е во црвена алармантна зона. Нарушени се темелите на економијата.

Стапката на раст на бруто-домашниот производ за четвртото тримесечје од 2022 година е само 0.6 %. Вкупниот раст на економијата беше далеку од прогнозираниот и само Русија иУкраина кои се во војна имаат помала стапка на раст на своите економии оваа година. Извештајот на Светска банка покажува дека македонската економија годинава ќе порасне за само 2,1% што е најниско ниво во Европа.

Поголем бруто домашен производ имаат и Босна и Херцеговина, како и Косово.

Половина милион лица живеат во сиромаштија со само 150 денари на ден, а над 33.000 лица живеат во екстремна сиромаштија. Секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година. Цените на храната во просек пораснале за повеќе од 22%, додека цените на некои прехранбени производи се зголемиле за дури 36%.

Само во текот на минатата 2022 година во сиромаштија донесени се 20.000 дополнителни лица, од кои 5.000 нови сиромашни деца. Минималните трошоци на едно семејство во март изнесувале 50.070 денари.

Ве прашувам колку од вас земаат плата од 50 илјади денари за да можете да се прехраните.

Околу 110.000 вработени во јавниот сектор земаат плата која е скоро колку минималната во Македонија, а токму ниските плати се главна причина поради која работниците заминуваат во странство. Излезе податок од Синдикатот на градежници дека само во една година бројот на градежни работници се намалил за 12.000 луѓе кои заминале во странство.

Најновото истражување на Галуп Интернационал покажува дека повеќе од 40 отсто од Македонците би се иселиле од државата. Тоа значи дека луѓето не ја гледаат иднината тука затоа што системот ги гуши и не им дава да напредуваат. Не се гради ништо, а државата живее од задолжувањата.

Македонија ја заврши 2022 година со 7,7 милијарди евра јавен долг, што е 57 процент од бруто-домашниот производ. Тоа е историски најголем долг, но задолжувањето што се планира годинава, согласно со Буџетот за 2023 година, е повеќе од 1,6 милијарди евра.

За цели 6 години долгот е зголемен за нови 3 милијарди евра, со што ги задолжуваат и неродените деца.

А да не зборам за евро обврзницата која им пропадна затоа што не можеа да се договорат во владата кој да ја потпише. Затоа младите не гледаат перспектива.

Образованието кое треба да биде најсилниот темел на напредокот го разјадуваат. Имаме министер за образование непознат човек на позната позиција, кој нема ниту еден пред или проект позади себе.

6 години експериментираат со оваа област. Учебници преполни со грешки кои се прераскажуваат како смешни вести во светот. Од друга страна голем дел од учебниците недостасуваат.

Учебната година за еден месец ќе заврши, а учениците се уште немаат добиено учебници по англиски јазик. Ниту учебниците за трето и шесто одделение по новата програма за следната година не стигнаа до учениците.

Сведителствата доцнат.

Високото образование го нема на картата за успешност според Шангајската листа. Факултетите во својот квалитет попуштаат.

Се купуваат дипломи, а тие што вистински учат или седат без работа или ја напуштаат Македонија.

На крајот од учебната година работат телефоните, се фаќаат врски за оценки, без да се вреднува трудот на учениците и се деградира знаењето и наставниот кадат. Па на сето ова мора да дојде крај. Мора да се помогнат успешните 5-ката да значи мерило за успех во основното и средното образование. 10ката да значи награда за трудот на секој студент.

И го ислушав коментарот на Ацо Костадиновски од Кадрифаково кажан на една од посетите од акцијата „И ова е Македонија, Македонија за сите“. Го слушнав и можам да кажам дека човекот е во право и тоа е вистината за тоа како луѓето размислуваат на оваа тема. Образованиот систем доживува ерозија а тоа е колевката на сето знаење што мора да го има оваа наша заедничка Македонија. И кога тоа не функционира ништо понатаму не е како што треба.

И да имаме решение за хаосот со образованието.

Професионалците и мудрите глави на ова општество конечно мора да бидат вреднувани.

Просветниот кадар мора да биде валоризиран и неговиот труд платен. Ќе ги поддржиме авторските дела, истражувањата, начуните дела.

Ќе работиме да го подигнеме квалитетот во високото образование. Универзитетите мора да одат повисоко на Шангајската листа за да не препознае светот по квалитетот и кадрите кои ги имаме. За младите кои ќе се вработат мора да има пониски даноци и тие да можат да студираат на барем еден македонски универзитет кој ќе биде во првите 1 000 на Шангајската листа;

Вистинските луѓе мора да бидат на вистинските места. Ќе поставиме систем каде трудот на учениците и студентите треба да се вреднува. Телефоните и врските да престанат.

Мора да направиме усогласување на платите за наставниците и професорите со Колективниот договор во образованието.

За просветните работници во основното и средното образование личен доход кој ќе биде достоинствен и ќе ги покрива месечните трошоци.

Повисоки плати за вработените во високотообразовани, како и темелно реновирање и реконструкција на студентските домови.

Ќе инвестираме и ќе ги реконструираме студентските домови. Квалитетни учебници достапни за секого. Образованието ќе го реформираме и ќе збориме за технолошки развој, за претприемништво, ќе стимулираме млади кои ќе отвораат стартапи, стартап центри за младите и помош во секој еден сегмент. Знаењето мора да се вреднува и тоа да биде моќта за иднината за која се бориме. Штип мора да остане универзитетски центар. Ќе направиме многу повеќе и за овој град. Штип мора да остане универзитетски центар

Драги пријатели,

Кастата на власта, кликата која владее не сака да ја види вистинската слика за реалноста во која живее народот. А тој плач го слушаме насекаде. И затоа губат драматично на рејтинзите и затоа ќе ги победиме и на следните парламентарни, претседателски како што два пати ги декласиравме на коланите избори во 2021 година.

И тоа е извесно, многу очекувано. Но сакам да испратам неколку важни пораки.

Прво најважно од се е да излезете на избори. Да имаме голема излезеност затоа што секој оној кој што потклекнал на лагата дека сите се исти или без мене секако ќе победи ВМРО-ДПМНЕ, прават услуга само на една политичка партија, тоа е Али Ахмети и ДУИ. Ако останете дома и верувате дека сите се исти и дека до мојот глас им дошло, секако ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, правите голема грешка и голема услуга на Али Ахмети и ДУИ. И затоа на следните избори треба масовно да излезете и да се поразат Али Ахмети и ДУИ и да се пратат во опозиција.

Втора работа, на следните избори имаме три опции. Првата опција е ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата. Втората опција е СДС, ДУИ и останатите. И третата опција можеби е и најстрашна, тие се оние лажnи популисти и платени патриоти, кои што имаат една цел и една задача, да одработат и да го поделат народот во Македонија, да го поделат македонскиот гласач кога ВМРО-ДПМНЕ ќе каже нешто тие седејќи дома и криејќи се позади статуси на социјалните мрежи да бидат потврди, а кога ќе треба да се сработи никаде ги нема. Тие се пострашни дури и од овие вторите. Затоа што одработуваат за вторите. Затоа кога ќе се заокружува на следните избори треба да се обединиме околу стожарот, окоу браникот на македонскиот идентитет. Ве повикувам масовно да излеземе и да се обединиме околу стожарот, околу столбот.

И трета работа што е многу важна да се обединиме. Да застанеме еден до друг, да си бидеме подршка еден на друг. Знам дека има можеби многу работи кои што ни пречат, и знам дека има многумина кои што се нестрпливи сакаат сега и веднаш, како реков на почетокот од овој говор 8ми Септември за сите нас, за Македонија, за сите граѓани, за Македонците, Албанците, Турците и Ромите, Србите, Бошњаците, буквално за сите, ќе биде кога оваа влада на ДУИ подржана од СДС ќе замине, а потоа ќе има одговорност за секој оној кој што се огрешил изминатите 6 години, затоа ни треба обединето ВМРО-ДПМНЕ и обединет народ.

Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата! – се првите зборови на нашата химна, но и зборовите на голема надеж, голем сон и иднина каква сакавме да имаме и епизодата по која копнеевме, а сè помалку гледаме дека ја добиваме овие 32 години од независното постоење на нашата татковина.

Денес од таа Македонија за која сонувавме сме подалеку од тогаш кога ја создававме. Се изгуби таа енергија, се загуби тој копнеж. Луѓето се отуѓија, им се одзема правото на колективното сонување, правото на заедничка среќа.

Кога една нација нема сон, знајте дека веќе е одземено правото да се борите за иднината во која сте верувале. И таа нација не е среќна, туку длабоко разочарана, апатична, со чувство дека е отфрлена од синовите и ќерките кои требало да донесат надеж и среќа, а донеле беда, разочарување и кражба на колективната радост. Затоа е и разочарувањето кон политичарите, и затоа е чувството дека сите се исти, па колку и да сме различни.

Нам апатијата ни ја произведуваат да се откажеме од борбата, за полесно да им поминува богатењето на грбот на народот. Тоа е нивната цел да веруватѕе дека сите се исти за да можат да ве натераат да бидете апатични и да ве натераат да се откажете од борбата за која што вреди да се борите а таа е една таа е нашата Македонија.

И не се само предавствата со договорите кои се болното наследство и дивото месо кое ја гуши нашата нација или идеолошкото декомпонирање на нашите традиции и темели каде сè што е поврзано со македонското постоење, морал и семејство е отфрлено како ретроградно, туку и хавариите во сите други области кои ја фрлаат на колена нашата нација.

И кога ќе ви речат воздржете се и вкусите уште една голема кнедла , уште едно ново самопорекнување, останете неми на уште едно големо предавство на своето постоење, треба да знаете две работи: дека тоа не е последното што го подготвуваат и дека среќата и сонот што ги ветуваат нема никогаш да дојдат со овие луѓе.

Ова е Македонија.

Македонија за сите!

Ова е Македонија на надеж, сон, копнеж и иднина.

Ова е Македонија на заеднички патриотизам.

Заедничка радост и заедничка среќа. Македонија на работниците, на невработените кои мора да се вработат, на докторите, на професорите. Македонија на умните и мудрите.

Македонија на народот кој е посилен од секоја елита, клика и група која нè влечела надолу.

Од сите вас зависи каква ќе биде иднината. Овој пат треба да се приклучите, овој пат е важно да учествувате за заедно да ги менуваме работите. Со истата енергија каква овој народ и земја ги имале при сите големи победи, при сите свои илиндени, славни епопеи и победи.

Шанса не само за една, туку за сите генерации за едно оставени на страна овие 30 години.

Нашата борба е за европски вредности базирани врз меѓусебно почитување и самопочит.

Нашата борба е вредности, идеал и кауза.

Нашата борба е да ја обновиме Македонија.

Промените да победат, за заедничка иднина!

Ова е не запирливата сила на народот.

Ова е Македонија! Македонија за сите