Реално треба да се прославува идејата за Европската Унија кон која целиме цели 32 години. 32 години во борба да оствариме еден сон, со многу попатни препреки, условувања, откажувања. 32 години на докажувања, објективни внатрешни недостатоци и отсуство на реформи но и многубројни субјективни пречки, условувања од надворешни фактори, непринципиелни барања за себе одрекувања. По 32 години Македонија е уморна од бркање на морковот кој никако да дојде, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашната трибина насловена „Социјални политики против иселување и сиромаштија“.
Тој додаде дека тие 32 години се на постојани чекања и големи разочарувања. 32 години на нови и нови генерации кои растеа и се разочаруваа од сонот за ЕУ кој никако да го оствариме.
Она што ја раѓа апатијата е и непринципиелноста на Европската Унија кон Македонија и блокадите кои ги има на секој чекор. Неразумноста и уцените за себеодрекување, од една страна и сервилноста на актуелната влада е она што најмногу удира во чувствата на граѓаните и ја раѓа фрустрацијата – кажа Мицкоски.
Мицкоски посочи дека денес Европската Унија со право ја слави победата над таквиот фашизам, победа на чие право има и македонскиот народ кој со свои сили се ослободил и дал жртва во таа борба ослободувајќи се пред се од бугарскиот фашистички окупатор.
Пред десетина години желбата за интеграција била исклучително висока, затоа што народот верувал дека така ќе се постигнат стандарди, ќе има иднина, подобар живот, ќе дојде надеж и мотив за борба, впрочем истите работи поради кои денес народот се иселува, а не ги гледа повеќе тука – кажа Мицкоски.
Мицкоски додаде дека поради вината за намалената доверба и растечкиот евроскептицизам потребна е одговорност на нашата владејачка клика.
Вината поради намалената доверба и растечкиот евроскептицизам покрај на овдешната владејачка клика неодминливо е и на Европската Унија која мора повеќе да се спротивставува на отворените злоупотреби кои актуелната власт ги прави и во нејзино име – дециден е Мицкоски.
Comments are closed for this post.