Артан Груби, кој сака да се нарекува прв Вицепремиер, денеска во нова улога како координатор на изградбата за новите коридори се обиде пред новинарите да објасни дека изборот на конзорциумот „Бектел и Енка“ е најдоброто за државата и дека ќе имаме модерни патишта. Кога, и најважното колку ќе чини, не добивме одговор.
Груби се правдаше дека склучениот договор е класифициран податок и деловна тајна и затоа јавноста нема никогаш да го види. Така, секаде работеле „Бектел и Енка“ се правдаше Груби.
Во договорот со американско–турскиот конзорциум има неколку спорни одредби од кои некои и се косат со Уставот.
Груби и за тоа има решение-секаде има исклучоци-рече денеска арогантно.
За него нема ништо спорно што Уставниот суд пред неколку месеци донесе одлука дека работната недела не може да биде подолга од 40 часови неделно. И сега вели Груби, има работници што работат подолго, па дури и во недела, како на пример во моловите но за тоа им се плаќа.
Згора на тоа, тврдат Груби и Дарко Спировски од ИРД работниците на коридорите немало цела година да работат по 60 часа туку само кога ќе биде градежната сезона.
Какво олеснување и грижа за работниците-мора да се признае.
Груби со леснотија објаснуваше и дека договорот е веќе потпишан и само од нас зависи дали „Бектел и Енка“ за година и 4 години и 7 месеци ќе го заврши автопатот кон Струга и патот Прилеп-Битола и за тоа ќе наплати 1,3 милијрди евра, или пак ако работниците не „рмбаат“ по десет часа дневно рокот ќе се продолжи и граѓаните ќе ги чини многу повеќе. Колку повеќе не знаеше ни тој самиот.
Груби како експерт и за културно наследство тврдеше дека коридорот кон Струга нема да минува низ никаков археолошки локалитет а за првпат откри и дека ќе се гради и нов граничен премин кон Албанија кој ќе го замени преминот Ќафасан.
Comments are closed for this post.