Македонската фудбалска репрезентација во пријателски натпревар ги совлада Фарските Острови со минимални 1:0. Стрелец на голот беше Бојан Миовски на десетина минути пред крајот. Со тоа, колку-толку „го нашминка” релативно слабото издание на нашата селекција.
Сепак, и ваквиот минимален триумф ќе треба да послужи за подобрување на атмосферата во репрезентацијата, која е во нагорна линија по квалификацискиот триумф против Малта во четвртокот.
Во игра без многу возбудувања или добро изградени акции, првото полувреме заврши со само еден момент за паметење. Го изведе Езџан Алиоски, чиј шут од косо од левата ивица на шеснаесетникот ја погоди гредата на противничкиот гол.
Во второто полувреме имаше малку пожива игра од нашите репрезентативци, кои повеќе се обидуваа да извршат притисок кон противничкиот гол. Тоа, сепак, резултираше само со неколку мешаници пред и во шеснаесетникот на Фарските Острови или, пак, удари од далечина, кошто не бараа посериозна интервенција од голманот.
Таквата состојба на теренот ја разбранува Елиф Елмас во 79 минута кога доби топка зад противничката одбрана, излезе сам пред голманот, но од 6-7 метри биеше само во добро поставениот чувар на мрежата на Фарските Острови.
Тој импулс, што го предизвика акцијата на Елмас, го искористи Бојан Миовски само две минути подоцна. Прими топка на раб од шеснаесетникот и со смирен и одмерен удар од десно ја пласираше топката во долниот десен агол на немоќниот противнички голман.
Тој погодок беше доволен за триумф на македонските фудбалери.
Comments are closed for this post.