Со десет гласови за и два против, во Комисијата за уставни прашања помина и третиот амандман за уставните измени, кои се прават со цел усогласување со Договорот од Преспа.
Во изминатите два дена поминаа два амандмани, кои се однесуваат за терминот „Северна“ и измена на Преамбулата. Со третиот амандман треба да се потврди дека Македонија нема територијални претензии кон соседните држави и го почитува нивниот суверенитот, територијалниот интегритет и политичка независност.
Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека амандманот е непотребен и треба да се повлече, бидејќи нашата држава немала и нема територијални претензии кон ниту една соседна држава.
Ова е апсолутно, апсолутно лош договор. Ова е катастрофа. Но, уценети сме, мораме да го прифатиме, таква и таква е работата. По фер е. Затоа што сега ги гледам излесноста по изборните единици. Како не ви е срам да терате ваква работа со излезност на референдум 18, 20 посто во еден куп општини. А, ги теравте луѓето, не доаѓајте во понеделник на работа ако не гласате на референдум. На што личи тоа. Па потоа имавте еден куп луѓе кои гласаа против, па шкртнати ливчиња, неважечки лифчиња. Кажете ова е нечесна работа која што сме се нафатиле да ја истераме, изјави Владимир Ѓорчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Министер за надворешни работи Никола Димитров потенцираше дека по Договорот по членот седум сме успеале да најдеме начин дека кога ќе се кажеме ние како Македонци тука во нашата држава не мислиме на истото што го мислат оние Грци кои на свој начин се идентификуваат како Македонци.
Кога спомнав вчера дека сме Македонци тоа го спомнав во дебата со пратеник на Нова Демократија во АФЕТ, во комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент. Тој ме праша сега после Договорот, ако се заврши овој процес што ќе бидете вие. Јас му кажав дека ќе бидам Македонец, кој ќе зборува македонски јазик, дека тоа е неспорно мое право на самоопределување и самоидентификација, изјави Никола Димитров, Министер за надворешни работи.
Comments are closed for this post.