Војната на власта со медиумите зема замав. Откако Али Ахмети, Димитар Ковачевски, Крешник Бектеши… им залепија шлаканици на телевизиите, се сетија на стариот медиумски непријател „Република“. На новинарите и на фоторепортерот на „Република“ и „Пресинг“ не им е дозволен пристап на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев.
Доцна попладнево, по 18 часот, од владината прес-служба простигна одговор на барањата за акредитација за утрешното чествување на Гоце Делчев. Иако новинарите Игор Чавески и Предраг Димитровски и фоторепортерот Александар Ивановски уредно и во предвидениот рок поднесоа барање за акредитација, попладнево добија сувопарна порака од Владата дека барањата не се одобрени. Во мејлот од Владата нема никакво образложение зошто се одбиени.
Речиси цел час упорно се обидуваме да стапиме во контакт со владините портпароли Душко Арсовски и Мухамед Хоџа, но тие не одговараат на нашите повици, ниту пак на нашите пораки. Испративме барање за образложение на адресата на портпаролот на Владата, но и на нивните меил адреси. Засега одговор нема.
Затоа, се соменваме дека не е случајно што портпаролите на Владата не се достапни токму во момент кога се испраќаат одбиените барања за акредитации. Дотолку повеќе што телефонот на портпаролот Душко Арсовски е исклучен и е недостапен, а Хоџа не одговара на повиците. Исто така, никој не се јавува ниту на фиксниот телефон во Секторот за односи со јавност. Сите овие повици ги остваруваме веднаш по испраќањето на одговорот на нашето барање за акредитација.
Јасно е дека целта на овој маневр на власта е што повеќе новинари да останат надвор од кругот на движење околу црквата „Свети Спас“ и чествувањето на Гоце Делчев да помине далеку од очите на јавноста кои не носат владини очила. Со испраќањето на одговорите по 18 часот Владата се заштитува од реакција и притисок на одбиените новинари и фоторепортери и од осуда од јавноста. Со еден збор, власта замолчува, цензурира, селектира!
Нашите новинари Чавески и Димитровски, уредничката Билјана Бабиќ имаат редовна комуникација со портпаролите, освен кога се недостапни и неподготвени да одговорат на нашите прашања. Портпаролот Душко Арсовски досега не се воздржувал и во 23 часот да ѝ ѕвони на уредничката зашто сметал дека е исправно да вознемирува новинари кога така им одговара. Истиот портпарол, Душко Арсовски, сметаше дека е исправно на офцијлниот Твитер профил на Владата да не квалификува како „политички актер во општеството“.
Јавно ја повикуваме Владата да ни одговори зошто нашите новинари и фоторепортерот се одбиени и утре нема да им биде дозволено да присуствуваат и да известуваат од црквата „Свети Спас“.
Во меѓувреме, Владата утре ќе одлучува дали ќе му биде дозволен влез на европратеникот Ангел Џамбаски, бугарски провокатор, кој не пропушта а да не ја навреди Македонија. Дали Владата ни испраќа порака дека сме државни непријатели? Бараме Владата да одговори од кои причини сме третирани како државни непријатели.
Comments are closed for this post.