Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев со придружна делегација, денеска, ќе престојува во работна посета на Северна Македонија во рамки на која ќе се сретне со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На средбата се очекува да се разговара за активностите што треба да се преземат по повод претстојното чествување на 4 февруари – денот на роденденот на Гоце Делчев.
И бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера во интервју за Бугарската национална телевизија потврди дека денеска во Скопје ќе допатуваат министерот Демерџиев и директорот на ДАНС Пламен Тончев и дека ќе се разговара за конкретните чекори што треба да се преземат по повод чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.
Како што соопшти МВР, изјави не се предвидени, а на крајот од официјалната средба ќе биде објавено соопштение за медиумите.
Посетата на Дерменџиев беше најавена во петокот, по телефонскиот разговор на премиерите на Бугарија и на Северна Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, посветен на актуелните случувања во односите меѓу двете земји. Прес-службите на двете Влади соопштија дека двајцата премиери разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, да се одвиваат мирно и непречено.
Comments are closed for this post.