Јавните изјави со кои се навредува или провоцира Македонија се апсолутно неприфатливи и контрапродуктивни и тие не го претставуваат официјалниот став на бугарската држава и не можат да се толкуваат како такви, соопшти бугарското Министерството за надворешни работи.
Како што се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на бугарското МНР, Министерството ја потврдува својата категорична позиција оти политичарите и јавните личности од Бугарија и Македонија имаат одговорна улога во градењето доверба и развивање на добрососедски односи меѓу двете земји, како и во намалувањето на тензиите во јавноста.
– Имајќи ја предвид заедничката историја што ги поврзува двете земји, одбележувањето на заедничките историски настани и личности, како што е годишнината од смртта на Мара Бунева, треба да доведат до зајакнување на довербата и добрососедството, се вели во вчерашното соопштение на бугарското МНР.
Според Министерството, како што јави БТА, во исто време, не помалку опасни за билатералните односи се и апелите на „маргиналните партии во Македонија против бугарските политичари и јавни личности кои се залагаат за заштита на правата на Бугарите во Македонија и проектите за зближување на луѓето меѓу двете земји“.
– Ваквиот пристап има очигледна цел да создаде дополнителна тензија во билатералните односи во интерес на кругови кои не се заинтересирани за европската интеграција на Република Македонија. Добрососедските односи со нашите пријатели во Скопје ќе се градат со дијалог, а не со забрани, се додава во соопштението на бугарското МНР
Comments are closed for this post.