Македонија и изминатава година беше омилена земја од која криминалците и нарко клановите сакаат да имаат пасош. Секако, тие не го сакаа нашиот пасош бидејќи со него можат лесно да патуваат туку до него лесно доаѓаа. На некому дури и им пристигнувале на домашна адреса како божиќен подарок.

Последен случај со вакви типови се случи на преминот Блаце каде е пуштен да избега Сокол Бибај, албански државјанин со потерница поради поседување на лажен македонски пасош со украден идентитет. Бибај имал пасош со име Андон Папи којшто е откриен во рамките за случајот „Двојник“ според кои 215 криминалци добија македонски патни исправи.

Тука е украинскиот бизнисмен Олександар Онишченко. Овој репрезентативец на Македонија во коњички спорт има тесни врски со Русија најпрво доби позитвни оценки од неколку инститции дека нема пречки да стане македонски државјанин, но по пристисокот од јавноста, и посебно од амбасадата на САД решија да почнат постапка за одземање на пасошот.

Друг „свеж“ случај е Љубомир Лаиновиќ. За него македонската јавност и немаше да знае доколку не беше судењето за кланот на Веља невоља. Заштитениот сведок Срѓан Лалиќ откри дека Шкаљарците Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ во 2019 година биле убиени токму од Љубомир Лаиновиќ.

Игор Дедовиќ бил Горан Тасевски, а Стаматовиќ Емил Филипов.Лалиќ пред неколку денови за прв пат откри дека Лаиновиќ имал македонски пасош на име Зоран Сотир.

За егзекуцијата на Дедовиќ и Стаматовиќ во ресторанот во Атина како награда Лаиновиќ добил Ролекс часовник и БМВ.

Лаиновиќ -или на македонски Сотир е добро познат лик во криминалните кругови во Србија. Тој потекнува од Нови Сад а специјалност му е пукање со снајпер. Неговиот татко Бранислав во деведсеттите години беше еден од главните мафијаши во Србија.

На Лаиновиќ помладиот по земањето на македонски пасош му се губи секаква трага и најверојатно се наоѓа на Косово.

Македонското МВР може да здивне затоа што овие мафијаши се убиваат меѓусебно или се на непозната локација. Во септември беше убиен и Јовица Вукотиќ водачот на Шкаљарскиот клан. Тој беше ликвидиран на автопат во близина на Истанбул од непознато лице кое го следело на мотоцикл.


Вукотиќ имаше македонски пасош на име Георги Андонов и со него беше уапсен во Истанбул во 2018 година и екстрадиран во Србија каде што одлежа 15 месеци затвор.Како четири години подоцна пак се нашол во Турција не се знае и чии пасош користел.

Турската полиција е уште трага по припадникот на Кавачкиот клан, Жељко Бојаниќ (56) од Котор. Бојаниќ е најблизок соработник на Дарко Шариќ, најголемиот наркобос на Балканот.

Бојаниќ е посебен случај бидејќи има не еден туку два македонски пасоши. Еден на име Спиро Аговски и втор со име на украден идентитет на Јордан Белчев.

Каде се наоѓаат останатите од првата лига „Македонци“ како Седат Пекер, ликвидаторот на Кавачкиот клан Стефан Ѓукиќ, Луис Волина косовски нарко бос, како и водачот на италијанската мафија Ндрангета, Валид Иса Хмаис никој не знае.

Можеби се живи, но можеби и во стилот на песната на Балашевиќ „со ангелите на врвот на небото играат покер и преферанс“.