Во отсуство на реакција и критика во опозициските редовите на албанскиот политички блок, јас лично и ВМРО-ДПМНЕ како политички субјект сме единствените кои јавно зборуваат и укажуваат на корупцијата во редовите на албанската владејачка партија Демократска Унија за Интеграција (ДУИ) од највисоките редови па надоле до најниските, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, професор д-р Христијан Мицкоски.

Мицкоски ова го истакна од настан во Општина Бутел прашан од новинарите, дека многу ретко некој го вперува прстот во ДУИ и дали и тие се дел од проблемите во државата во оваа, како што ја нарекува, најкорумпирана Влада.

Истакна дека ВМРО-ДПМНЕ, како единствена партија која упатува јасни критики кон ДУИ ќе продолжи и понатаму отворено да зборува за корупцијата во нејзините редови.

„Не би се согласил, ние како ВМРО-ДПМНЕ можеби сме единствен политички фактор, за жал, кога отсуствува критика од страна на опозиција во тој дел на бирачите, мораме ние и тука да посочиме на луѓето кои што се исклучително криминализирани и корумпирани. И многу јасно јас лично сум предупредувал, и многу јасно јас лично сум кажувал за корупцијата во редовите на ДУИ, од најгоре до најдоле. Така што, ВМРО-ДПМНЕ е единствената партија која за тоа зборува отворено и ќе продолжи да зборува отворено“, истакна Мицкоски.