Барањето за предвремени избори е потребно од причина што прво оваа влада има спорен легитимитет од самиот почеток, знаете дека се работи за еден збир од многу политички партии, помали и поголеми кои што ја држат оваа влада, а дополнително многу побитно од композицијата на владата е тоа што не испорачала во две клучни области, прво е животниот стандард за што се најзаинтересирани граѓаните, и второто е битката со организираниот криминал и корупција. Во двата сектори има сериозно уназадување а тоа го чувствуваат граѓаните на своја кожа и тоа е причината зошто се потребни брзи предвремени парламентарни избори, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното интервју во емисијата 360 Степени на телевизија Алсат М.
Николоски потенцираше дека брзи предвремени парламентарни избори се потребни час поскоро бидејќи и економската и енергетската криза се толку силни што не смее да се губи време, додавајќи дека ако зимата 2022 година е лоша, зимата 2023 година ќе биде уште полоша, бидејќи се трошат резервите на гас и електрична енергија, а неспособна влада на СДС не знае да го организира домашното производство и затоа е потребна нова влада која ќе се спреми за 2023 година.
Зошто велиме брзи? Затоа што економската криза и енергетската криза е толку силна и толку не знаат да се снајдат што не смее да се губи време. Факт е дека оваа зима е изгубена, но исто така луѓе кои што малку разбираат знаат дека следната зима, зимата 2023 година ќе е полоша и од зимата 2022 година затоа што нема брзо да завршат воените дејствија во Украина. И ако оваа година имаше и резерви на гас, имаше начини да се произведе електрична енергија, имаше начини на снабдување на Европа со гас и електрична енергија, веќе во 2023 година тоа ќе е многу покомплицирано. Се очекува нагоре да одат цените на сите енергенси, а со неспособен тим кој што не знае да го организира домашното производство, да направи оптимизација и добро да го менаџира процесот мислам дека 2023 година ќе биде уште полоша и затоа мора изборите да се случат што побрзо, најдоцна до пролет, за да има новата влада време да се спреми за зимата 2023 година, посочи тој.
За организираниот криминал и корупција јасно им е на сите дека цвета и таму ден побрзо, час поскоро мора да се внесуваат мерки, дециден е Николоски.
На прашањето дека ако се одржат избори на 15 април, тогаш од први јануари 2023 година треба да има техничка влада, Николоски истакна дека со оглед на тоа што сега е месец ноември има доволно време да се завршат сите потребни процедури за најдоцна на пролет да се одржат изборите.
Точно, затоа ние велиме најдоцна на пролет и затоа ние излеговме со ова барање вчера официјално како одлука на Централниот комитет на партијата, како највисоко тело, ноември сме имаме време да се заврши целата процедура, кажа тој.
Comments are closed for this post.