Во дуел на две од четирите најдобри екипи во НБА лигата, Милвоки бакс го совлада актуелниот шампион Голден Стејт вориорс со убедливи 134-111.
Покрај поразот, лоша вест за „воините“ на оваа средба беше и повредата на нивниот најдобар кошаркар, Стеф Кари, кој по еден незгоден доскок ја напушти играта со истегнување на бутниот мускул. Сепак, таа повреда не влијаеше премногу на конечниот исход на средбата, со оглед на тоа што во тој момент „елените“ веќе водеа со дваесетина поени разлика.
Кај Милвоки, тројца постигнаа барем 20 поени, Ерик Бледсо (26), Јанис Антетокумпо (24) и Малколм Брогдон (20), а одличен настап имаа и Крис Мидлтон со 17 и Пет Конатон со 15 поени од клупата. Кај Голден Стејт, Клеј Томсон даде 24, а Кевин Дурант мечот го заврши со 17 поени.
Бостон се врати по 22 поени негатива
Маркус Морис погоди шут за три поени на три десетинки до крајот со што се избори за продолжение на дуелот на Бостон селтикс против Феникс санс. Тој кош се покажа како решавачки за триумф на „Келтите“ затоа што во дополнителните пет минути тие беа подобри и се изборија за конечна победа од 116-109.
Најефикасен кај Бостон беше Кајри Ирвинг, кој постигна 39 поени, од кои 18 во последнта четвртина, додека кај Феникс, Девин Букер имаше 38 поени и девет асистенции, ТЏ Ворен 29 поени, а дебитантот Деандре Ејтон дабл-дабл од 14 поени и 10 скокови.
Седми триумф по ред за Оклахома сити
Оклахома сити тандер го совлада Хјустон рокетс со 98-80, со што нејзините кошаркари дојдоа до седмиот триумф во серија. Ваквата низа доаѓа откако Оклахома сити ја почна сезоната со четири порази по ред, но сега веќе се проби на четвртото место во Западната конференција.
Пол Џорџ го заврши мечот со 20 поени и 11 скокови, а дабл-дабл оствари и Стивен Адамс со 19 поени и 10 скокови. Кај Хјустон, за кого ова е шести пораз во 10 одиграни средби, најефикасен беше Џејмс Харден со 19 поени.
Лилард и Мекколум донесоа триумф
Бековскиот тандем Демиан Лилард и Си Џеј Мекколум повторно беа најдобри поединци во редовите на Портланд трејлблејзерс и го предводеа својот тим до победа против ЛА Клиперс со 116-105. Лилард постигна 25, а Мекколум 23 поени со што го предводеа Портланд до деветтиот триумф во 12 натпревари и го поставија на третото место на Западот.
Кај „клиперси“, Данило Галинари и Лу Вилијамс постигнаа по 20, додека Шаи Гилџес-Александер и Монтрезл Харел мечот го завршија со по 19 поени.
Comments are closed for this post.