Ракометарките на грчкиот шампион ПАОК останаа без поддршка на реванш натпреварот против екипата на Металург во СЦ „Јане Сандански“ во рамки од второто коло од Европскиот Куп.
Пред натпреварот, кој започна во 16 часот, навивачите на ПАОК се задржани во Центар, на улицата „Димитрија Чуповски“ поради нарушување на јавниот ред и мир.


Според очевидци, навивачите се движеле по улицата од страната на Триумфалната порта во група од педесетина и нападнале момче во дрес на Вардар, а потоа украле неколклу предмети од продавничките околу Триумфалната капија. Полицијата ги задржала кога сакале да влезат во автобусот што ги чекал од спротивната страна на улицата.

Од МВР за „Република“го потврдија инцидентот. Навивачката група била пријавена за нарушување на јавниот ред и мир во центарот на градот.

Претресот се уште трае, а поради инцидентот се уште е отежнато движењето по главната улица во Центар. Полицијата ги советува минувачите да ја користат другата страна од улицата или околните улички, а возилата се пропуштаат делумно со задршки.

Навивачите на ПАОК под името „GATE 4“се познати грчки хулигани. Нивната нетрпеливост особено доаѓа до израз кога е во прашање Македонија.