Групата седум (Г7) водечки индустриски земји на вчерашниот состанок со украинскиот претседател Володимир Зеленски вети дека ќе побара одговорност од рускиот претседател Владимир Путин по неодамнешните руски напади врз цивилната инфраструктура во Украина.
„Најсилно можно ги осудуваме овие напади и потсетуваме дека неселективните напади врз невиното цивилно население претставуваат воено злосторство. Претседателот Путин и одговорните за нападот ќе сносат одговорност“, соопшти Г7.
Лидерите на Г7, исто така, ја повторија својата поддршка за правото на Украина да ја врати целата територија што ја зазеде Русија и ветија поголема поддршка, вклучително и оружје.
„Украина има легитимно право да се брани од руската агресија и да ја врати целосната контрола на својата територија во нејзините меѓународно признати граници“, нагласија тие.
Г7 ги осуди неодамнешните нуклеарни закани од Путин и вети поголема поддршка за Украина во нејзината борба против руската агресија.
По состанокот на Г7, американскиот претседател Џо Бајден изјави за Си-Ен-Ен дека верува оти Путин погрешно ја проценил својата војна против Украина.
„Мислам дека (Путин) е рационален актер кој значително погрешно пресметал“, рече Бајден во интервју.
Американскиот претседател рече дека, иако верува дека Путин постапува рационално, неговите цели во Украина „не биле рационални“
Comments are closed for this post.