Премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно осуди формирање здруженија што се именуваат по личности поврзани со, како што рече – најмрачното минато во Европа – фашистичкиот режим на Хитлер, затоа што ги повредуваат чувствата на македонските граѓани и ги нарушуваат односите со Бугарија.

-Како што го осудив формирањето на здружението во Битола, како што го осудив формирањето на здружението во Охрид, го осудувам и секое друго здружение кое се прави со намера да внесе раздор во односите коишто ги има Македонија и Бугарија, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за информација дека до Централниот регистар е стигнато барање за формирање ново бугарско здружение со име цар Фердинанд.

Посочи дека имаме веројатно најлиберален закон за регистрација и основање здруженија на граѓани и организации и дека уште кога се појавило првото здружение со спорно име разговарал со министерот за правда и веќе се подготвува нов закон за здруженија и невладини организации.

-Му сугерирав да го земе германското законодавство бидејќи сметам дека Германија е најголема земја во ЕУ, да ги вклучи сите политички партии, да ја вклучи Еврејската заедница зашто таа е најпогодена во времето на фашистичкиот период и, практично, останала само на неколку потомци кои може да се избројат на прсти кои успеале да ја преживеат Втората светска војна на територијата на нашата држава. И кога сите нивни мислења ќе се земат предвид, да се направи законодавство кое ќе спречи ваква појава зашто мала група граѓани злоупотребуваат чувства на граѓаните на оваа држава и нарушуваат односи со соседна држава, рече премиерот, на прес-конференција на која ги соопшти антикризните мерки за поддршка на граѓаните и компаниите.