Речиси секој втор Македонец, односно 50,4 проценти, смета дека медиумите во Македонија се зависни, а само 15 отсто велат дека медиумите во земјава се независни, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење „Перцепции на граѓаните за медиумите и надворешната политика“, спроведено од „Ипсос Македонија“, нарачано од Медиумската програма во Југоисточна Европа на Фондацијата „Конрад Аденауер“.
На прашањето колкава доверба имате во новинарите, во зависност од возрасната категорија на испитаниците, процентот варира од 38-40 отсто анкетирани кои одговориле дека имаат мала доверба или воопшто немаат доверба во новинарите. Само 14 проценти од испитаниците имаат голема доверба во работата на новинарите.
Македонците најчесто се информираат од телевизијата – 71 отсто, на второ место се социјалните мрежи 46,9 проценти, од веб страниците на јавните институции 12,4, од радиото 12, додека од печатените медиуми само 8,7 проценти.
Половина од анкетираните, 51,2 отсто, одговориле дека најмногу и веруваат на телевизијата како медиум, без одговор биле 28,1 отсто, на социјалните мрежи им веруваат 17,7 отсто, на веб страниците на јавните институции седум отсто, на содржините на радиото им веруваат 5,9 отсто, додека на печатените медиуми 4,6 проценти.
Иако телевизијата ужива голема доверба, 39 отсто од населението смета дека лажните вести и дезинформациите се дистрибуираат преку телевизијата, додека ова мислење е уште повисоко за социјалните мрежи – 44 отсто.
Ова се тажни резултати за новинарството во Македонија. Истражувањето покажа дека има голем простор за подобрување во однос на независните медиуми, кои се централни точки во демократијата, меѓудругото и преку обуки и дообуки на новинарите, вели раководителот на Медиумската програма во Југоисточна Европа Хендрик Зитих.
Извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Драган Секуловски, рече дека овие резултати не се за изненадување, ја потврдуваат перцепцијата на медиумската заедница во Македонија и укажуваат на потребата за спроведување системски реформи на медиумите во Македонија како предуслов за создавање поповолна средина за работа на новинарите и медиумите.
Власта треба да создаде амбиент во кој медиумите и новинарите ќе имаат услови да работат слободно, медиумите и новинарите треба да служат на граѓаните а не на властите, а пак граѓаните треба критички да ја набљудуваат работата на медиумите и кога истите се непрофесионални треба да реагираат, вели Секуловски.
Тој наведе неколку препораки за враќање на довербата кај новинарите, а тоа е да се каже стоп на насилството кон новинарите и практиката на неказнивост, реформи за подобрување на законската регулатива на МРТ и комерцијалните медиуми, промоција на професионалното новинарство, промоција на медиумската саморегулација и продолжување на соработката меѓу новинарите и граѓанскиот сектор со цел враќање на довербата.
Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при Советот на етика во медиумите во Македонија, вели дека е загрижувачки податокот што граѓаните не знаат каде да реагираат доколку препознаат говор на омраза во медиумите.
Смета дека за зависни медиуми најголеми виновници се сопствениците на медиумите и главните уредници, кои преку свои интереси креираат таква медиумска атмосфера.
Друг аспект на истражувањето е довербата во други држави и меѓународни организации, при што 44 проценти од Македонците имаат голема доверба во ЕУ, додека 30 одговориле дека имаат помала доверба. На НАТО му веруваат 41 отсто од испитаниците. Во однос на другите земји, Германија е со 35 проценти, пред САД – 30 отсто и Русија со 22 отсто доверба.
Истражувањето е извршено врз репрезентативен примерок од 1.033 испитаници, во септември годинава. Медиумската програма во Југоисточна Европа е дел од глобалната медиумска програма на Фондацијата „Конрад Аденауер“, што се имплементира во десет земји од регионот со активности во областа на квалификациите на новинарите, слободата на медиуми и политичката комуникација.
Comments are closed for this post.