Министерот за надворешни работи Бујар Османи на маргините на традиционалниот 17-ти Бледски стратешки форум насловен „Владеење на моќта или моќта на правилата“, денеска се сретна со Лоранс Бун, државна министерка за Европа во француското Министерство за Европа и надворешни работи.
-Отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ во јули годинава е успешна приказна и Северна Македонија и за ЕУ, бидејќи се испрати силна порака дека интеграцијата на регионот е прашање од геостратешки интерес за ЕУ, истакнал Османи на средбата.
Министерот за надворешни работи на својот профил на Фејсбук напиша дека за време на разговорот со Бун, упатил благодарност за ангажманот на францускиот претседател Макрон и на француското претседателство со Советот на ЕУ за надминување на блокадата на нашиот евроинтегративен пат, што ја покажува посветеноста на Франција на европската перспектива на нашата држава.
Годинашниот Бледски стратешки форум ќе биде посветен на дискусиите за кризата на мултилатералниот поредок, последиците од руската агресија врз Украина и одговорот на меѓународната заедница на новите предизвици, соопшти МНР.
Министерот Османи ќе има обраќање на панелот „ЕУ и Западниот Балкан: кој е подготвен“, на кој ќе учествуваат и заменик помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, министрите за надворешни работи на Косово Доника Гервала Шварц, на Црна Гора Ранко Кривокапиќ и на БиХ Бисера Турковиќ, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово и други регионални прашања Мирослав Лајчак, високиот претставник за БиХ Кристијан Шмид и Зоран Нечев од Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје.
Comments are closed for this post.