Јас не можам на мојата Влада да и предложам да прифати дека ние сме коминтерновска творба.
Ова, парафразирано, само пред нецели две години, во екот на недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија, ќе го изјави, сега веќе академик Драги Ѓоргиев, инаку копретседавач на задничката македонско-бугарска комисија за историјата и за прашања на учебниците.
Но, сега, по обелоденувањето на содржината на протоколите за заеднично македонско-бугарско чествување на пет историски личности-светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум и Цар Самоил-стана очигледно дека може. Може дури и повеќе од тоа. На пример, да ја ничкоса целата децениска македонска научна мисла, па и да има сериозни проблеми со вистината и нејзината интерпретација.
Во својот последен настап на ТВ Сител, Ѓоргиев ќе забележи дека средновековните империи и држави се сосема различни државни творби, идентитети и контексти од современите држави и нации. Оттука и настојувањата на членовите на комисијата да избегнат настаните пред 150 и пред 1.000 години да се гледаат во денешната етничка призма и желбата да ги истакнат универзалните вредности на луѓето од тоа време преку кои може да се поврзат двата народи и не само тие.
-Идентитетите во средниот век и сегашните национални идентитети апсолутно не треба да се поврзат. Лојалностите во средниот век се кон царот и кон црквата и нема лојалност кон нацијата и народот. За овој период важно е да се почитуваат универзалните вредности и да се инсистира во чествувањето на лицата од тоа време да се вклучат не само Македонија и Бугарија, туку и други народи. Затоа препораките кои се усвоени за заедничко чествување и за учебниците во Македонија и Бугарија воопшто не ги допираат идентитетските прашања, изјави Ѓоргиев.
Притоа уште додаде дека во текстовите за заедничко чествување немало никакво спомнување на етнички групи и на идентитети на лица или на заедници, со што го постигнале она за што се залагале – идентитетските прашања да не бидат тема на разговор на Комисијата.
Мора да се признае дека вакво поигрување и навредување на интелигенцијата на јавноста одамна немало, а иронијата е што доаѓа од страна на еден „таканарчен“ академик Драги Ѓоргиев, кој треба да му бид благодарен на академикот Ѓорги Поп-Атанасов, кој со целиот свој потврден научен авторитет застана зад неговото прогласувње за „академик“. Зашто, ако не треба да се поврзуваат идентитетите од средниот век и сегашните национални идентитети, тогаш зошто воопшто Македонија и Македонците ги имаат идентитетските проблеми со Грција и Бугарија? Зошто, бугарската страна инсистираше цело време за прифаќање на идентитетската придавка „бугарско/а/и“ царство, цар, школа…?
Ако во средниот век, според Ѓоргиев, лојалноста е кон царот и кон црквата, а не кон нацијата и народот, што со други зборови ни порача? Зарем и Охридската архиепископија била бугарска и оти и таа е веќе „продадена“, иако никогаш таква не била?
Па, подобро е тоа отворено да го каже. Зашто, зошто тогаш е согласноста и целата борба на МПЦ за менување на името и прифаќање само на Охридска архиепископија? Па, токму Охридската архиепископија треба да биде една од основите! Или за Ѓоргиев и тоа нема никакво значење?!
Comments are closed for this post.