Фотографирањето на власта во Брисел заврши. Само не знам кој му дофрлил на премиерот намесник Димитар Ковачевски да каже птичка! За што поуспешна фотографија. Зашто, таа не е обична фотографија. Напротив. Има историско значење. Неговиот лик ќе остане во историјата. Таа ќе суди дали како предавник и измеќар или како личност, која ја отвори само едната врата за официјален почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
По којзнае кој пат почнаа лагите. Оние на власта на СДСМ и ДУИ. Од петни жили, чисто пропагандистички, настојуваат да ни ги претстават како почеток на преговорите, иако според нив тоа еднаш веќе го направија пред четири години. Ама работите не минуваат. Не може двапати да почнуваш преговори со ЕУ. Исто како што не може да не почитуваш потпишан француски предлог. А, тој вели дека почетокот на преговорите следува по вметнувањето на македонските Бугари во Уставот како државотворен народ. Точка.
Но, како минуваат деновите на виделина излегуваат и глупостите на власта. Од унилатералната изјава за македонскиот јазик, преку стриктното почитување на Договорот за добрососедство во кој и натаму останува делот за заедничката историја, што широко ги отвора вратите за целосно историско обезличување и отворена бугаризација на Македонците. Кој не го гледа тоа, тој е обична будала и ништо повеќе од тоа.
Можеби некому ќе му звучи неверојатно, но нашиот премиер намесник со прифаќањето на Протоколот, фактички прифатил дека македонскиот народ бил геноциден народ! Да, да, Македонците да ти биле геноциден народ!!!
Не верувате? Прочитајте го делот од Протоколот за реафирмација на Декларацијата за извинување на жртвите од репресиите од режимот во периодот 1945-1990 година, усвоена во 2006 година од Собранието на Република Македонија. Во неа не само што не стои терминот комунизам, туку стои нешто многу пострашно. И тоа не во некаква прашална, индиректна или било каква друга форма, туку како директно признание дека репресивниот државен апарат во периодот 1945-1991 година вршел репресии не само врз идеолошка, ами и врз етничка основа!
Значи, Димитар Ковачевски, алијас премиер на „Западна Бугарија“ или „Монтенегро“, а утре можеби и на „Источна Албанија“, признал и прифатил дека некогашната ОЗНА, КОС, УДБ-а, УБК вршела репресии врз граѓаните на Македонија само затоа што биле Македонци, Бугари, Албанци, Турци, Власи, Срби… И тоа перфидно префрлајќи ја вината на југословенските комунисти, демек тие ги вршеле тие злодела.
А, македонските комунисти на чело со Лазар Колишевски, децениски лидер на Федерална, Народна и Социјалистичка Македонија, заедно со сите негови блиски и далечни соработници и сите членови на партијата не биле југословенски комунисти! Чии биле!? Има некој да даде разумен, рационален и прифатлив одговор!? Се сомневам. И не се чудам, зашто со СДСМ на чело не само со Зоран Заев, туку еве и со Ковачевски се е можно.
Еурека! Македонските комунисти не биле Македонци, биле југословени! Нивните сегашни директни наследници не се југословени, туку се Македонци! Барем засега, ама не за долго.
Прифаќањето на ваквото признание значи и индиректно прифаќање на досега единствената неприфатена точка од Тиранската платформа. А, таа гласеше: „Донесување на резолуција во Собранието на Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот од 1912-1952 година“.
Две во едно. Македонците не извршеле геноцид само врз Албанците, туку и врз Бугарите! А, според тврдењата на бугарската политичка елита, во периодот по војната биле убиени 20.000 македонски Бугари, а над 120.000 биле протерани од нивните родни огништа. А, ниту за едното, ниту за другото нема ниту еден релевантен историски факт!
И тука тоа се прифаќа како факт! Само што нема бројки.
Под превезот на отворање на архивите на репресивниот апарат, Таче и неговиот СДСМ не само што прифаќаат, туку и тврдат дека сите партизани од НОБ биле само чисти југословени, не Македонци! Тврдат дека меѓу нив немало претставници на други етноси! Тврдат дека сите припадници на ВМРО и ванчомихајловисти не биле ниту југословени, ниту Македонци, туку асли Бугари и ништо друго!
Браво Таче, браво СДСМ! И јуриш кон „втора бугарска држава“ на територијата на Република Македонија!
Comments are closed for this post.