Во политиката никогаш немало, ниту ќе има случајности. Исто како што не е случајност во рок од само два дена Трибуна.мк да пренесе текст на Спас Ташев од БАН од софиски Труд, насловен како „УДБА и создавањето на ВМРО-ДПМНЕ“. И тоа токму во време кога разгорува „војната“ меѓу поранешниот и актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров и Бујар Османи околу содржината на единствениот потпишан протокол на меѓувладината македонско-бугарска комисија во која, според бугарската верзија, Димитров прифатил бугарска формулација за Илинденското востание како Илинденско-преображенско, како и тоа дека мешовитата историска комисија треба да расправа за историското ВМРО.
Во безброј наврати досега Ташев се докажал како човек на бугарските служби, но што е поважно и како отворен антимакедонец. Па, така е и овојпат со споменатиот текст, што повеќе наликува на отворен антимакедонбски памфлет, отколку на историски издржана теза.
Ташев во текстот преполн со временски „дупки“ се ободува, само се обидува и ништо повеќе од тоа, преку ликот и делото на Драган Богдановски да импутира дека тој бил човек на југословенската, односно на македонската УДБ-а, а со тоа и дека ВМРО-ДПМНЕ е нивни производ! Нешто слично, што се случуваше и со хрватската сега владејачка ХДЗ, на чие чело беше хрватскиот дисидент и претседател на државата Фрањо Туѓман.
„Вештината“ за најновата своја конструкција Ташев ја докажува со користење на документи на МПО и тоа само во еден дел, за во другиот да се префрли на скудни сознанија од документи на УДБ-а пренесени во Државниот архив, во чиј центар на внимание го става Димитар Црномаров, некогашен член на ВМРО-ДПМНЕ, потоа водач на ВМРО-Татковинска, а сега актуелен со неговото и членството на синот во Културниот клуб „Ванчо Михајлов“ од Битола.
Но, она што недостасува во неговиот текст е, на пример, кој, кога и со какви цели го формирал бугарското ВМРО и дали и тоа не е „происход“ на бугарската служба за државна безбедност? И дали, на пример, неговиот долгогодишен лидер Красимир Краси Каракачанов не бил соработник и на бугарската и на македонската служба? А, истото важи и за Димитар Црномаров? Ај нека прочепка уште малку по македонските архиви, па може ќе ги најде вистинските одговори. Не само за нив, туку и за редица други сега актуелни македонски Бугари илити ванчомихајловисти.
Ова, пак, апсолутно не значи дека тие објективно не биле жртви на домашните тајни служби.
Ама пред да го стори тоа, најдобро би било прво да го прочита и разработи досието „Опера“ на некогашната КОС, чисто за да види какви биле подготовките за периодот по распаѓањето на некогашната југословенска федерација.
Индикативно е што Ташев, на пример, не ја врзува УДБ-а со Љупчо Георгиевски како прв претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сега лидер на ВМРО-Народна партија, туку токму со Драган Богдановски! Еве, отворено ќе му соопштиме дека од петмина раководители на македонски емигрантски организации дури тројца биле регистрирани соработници на УДБ-а, но меѓу нив не е и името на Драган Богдановски.
Натаму, кога веќе сака да се занимава со темата УДБ-а и ВМРО-ДПМНЕ нека праша прво каде е личното досие на Љупчо Георгиевски? Зашто, невозможно е УДБ-а да водела лично досие за Стојче Наумов, негов кум или старосват, така нешто, кое е детално прочистено, а да не водела за Љупчо Георгиевски. Е, кога ќе се види и прочита тоа досие, дури тогаш Ташев ќе може да зборува и да пишува за ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, да, во досието на Драган Богдановски од над 7.000 страници можат да се видат мал милион работи. Дел од нив се веќе преточени во роман, во десетици книги на наши историчари и љубители на историјата и на движењата во македонската емиграција. Во некои од нив, на пример, има и апсурдни работи. Па така, на пример, во една од нив Иван Бабамовски, долгогодишен претставник на тајните служби, отворено тврди дека Богдановски не бил нивни соработник, додека рецензентот на книгата, исто така човек на службите, го пишува обратното!
Повеќе од очигледно, Ташев наменски се нафрла врз ВМРО-ДПМНЕ. Најголемата опозициона партија со години и децении била под будното око на УДБ-а и тоа е неспорен факт. Исто како што е факт дека и „реформираните“ безбедносни служби не можат или не сакаат да се снајдат во борбата против неоврховизмот, откако конечно, врховизмот е отстранет како линија на нивната работа. Зашто, неоврховизмот во државата секојдневно добива нови и нови политички димензии.
Comments are closed for this post.