Горд сум на протестите „За заедничка Македонија“, срцето ми е полно кога се навраќам на седумдесетте дена.
На протестот од пред некој ден, кога излегов на бина да ја пејам химната на Македонија ја почувствував истата неверојатна енергија, нешто што не се гледа и слуша, туку се доживува. Пред мене гледав скромен македонски народ, кој што бара малку, да биде национално почитуван и економски безбеден, а јас секогаш ќе бидам на страната на мојот народ.
Ова во интервју за Пресинг ТВ и Република го вели еден од водачите на движењето „За заедничка Македонија“ и светски позната оперска ѕвезда Игор Дурловски.
Најавувајќи ја изведбата на македонската химна Дурловски меѓу другото на својот ФБ профил напиша:
За кого?
За сите оние кои ме распнуваа поради ангажманот во „Заедничка Македонија“, за тие кои ме напаѓаа за моето учество на парламентарните избори во 2020-тата година, за тие кои ја критикуваа одлуката да го отстапам пратеничкиот мандат, но и за ВАС кои ме поддржувате токму поради моите одлуки и постапки – никогаш отстапки.
Ќе пејам во чест на сите политички затвореници, за Гоце, за Даме, за Јане, за Питу…
Ќе пејам бидејќи да пејам од срце- најдобро знам.
*Г-дине Дурловски, се чини како „дозирано“ да сте присутни на социјалните мрежи, па и во јавноста. Една од последните Ваши објави беше по притворањето на Ламбе Алабаковски, кога напишавте дека тој не се брани со постови, туку на улица. Се препознавте себе си во ситуацијата или Ви е дојдено преку глава од ФБ патриоти?
-Како јавна личност во одреден период од животот верувате дека со својата енергија и мисла, со верба во тоа што го правите можете и планина да поместите. Поразително е кога влегувате во играта на креаторите на атмосферата на рамнодушност, свесни дка тоа им е целта, но ваша должност е да се изборите и да продолжите понатаму да делувате, посебно во време кога се случуваат дополнителни процеси за бришење на македонското.
Паралелата со Алабаковски е издржана, различна е само атмосфрата. Кога се соочувавме со судскиот процес за 27 април народот беше преплашен, власта беше во својата најголема моќ, а нашиот случај, всушност, беше показна вежба упатена кон сите општествени чинители за сузбивање на гласот на народот, додека во случајот со Ламбе е обратно, власта е таа која што е уплашена од реакцијата на тој ист народ.
*На Алабаковски му е укинат притворот, но неизбежен е фактот дека власта и правосудниот систем продолжуваат со праксата на двојни стандарди. Како гледате на тоа?
-Повеќе истражувања велат дка заминувањето на висококвалификуван кадар од Македонија не е само поради лошите економски политики, туку нефункционалниот систем, вклучувајќи го и судско-обвинителниот. Затоа, целта на новата влада мора да биде деполитизација на истиот. Во тој случај, нема да треба да бидеме загрижени каква пресуда ќе донесе по однос на случајот со Алабаковски и останатите стотици политички затвореници.
*За настаните од 27 април не побаравте аболиција и бевте ослободен од обвинението. Имате ли сознанија до каде е постапката пред Врховниот суд?
-Немам никакви сознанија, знам само дека предолго се чека на одлуката на Врховниот суд, која што е потребна и за понатамошно делување во Судот за човекови права во Стразбур.Останува фактот дека многу семејства веќе петта година живат во верба дека „системот“ ќе ги исправи нивните неправди. Силно верувам дека за скоро време ќе можат да бидат во прегратките на своите најмили.
*Очекувате ли повторување на целата постапка?
-Слобода за политичките затвореници процесирана во било каква форма е успех, но единствен начин да се задоволи правдата е враќање на случајот на повторно судење.
*Простете, но едно прашање постојано ме мачи. Кога ги минувавте најтешките мигови во животот, како реагираа најблиските другари на трите деца на „несудениот терорист“?
-Другарчињата на моите деца се симбол и надеж за сите нас дека во иднина сепак ќе има одговорни, емпатични и луѓе полни со љубов во срцата. Нивните писма, што ги добивав во притвор, се уште ги чувам.
*Имавте ли „непристојни предлози“ пред, за време и по процесот за 27 април?
-Ќе бидам непристоен ако коментирам „непристојни предлози“.
*Од оваа временска дистанца и по сето минато искуство би го сториле ли повторно истото?
-Горд сум на протестите за „Заедничка Македонија“, срцето ми е полно кога се навраќам на седумдесетте дена.На протестот од пред некој ден, кога излегов на бина да ја пејам химната на Македонија ја почувствував истата неверојатна енергија, нешто што не се гледа и слуша, туку се доживува. Пред мене гледав скромен македонски народ, кој што бара малку, да биде национално почитуван и економски безбеден, а јас секогаш ќе бидам на страната на мојот народ.
*Се повлековте од политиката, но верувам дека не станавте целосно аполитична личност. Или можеби грешам?
-Се додека чувствувам дека голем број на луѓе ме поддржува во моите постапки и ставови, нема да отстапам.
*Колку е Македонија изменета на подобро или на полошо во последните пет години?
-Наспроти богатењето на одредени политичари од власта, гледам се посиромашни граѓани.Жалам, но мојата татковина е понижена, ограбена, згазена, а верувам дека нова влада, составена од најспособните и најодговорните, ова парче земја ќе го направи попристојно место за живеење.
*Според анкетите, мнозинството граѓани и опозицијата бараат предвремени избори. Време ли е за тоа?
-Народот е изморен од избори, но поизморен е од неспособни политичари. Со изборите наесен ќе биде крајот за анационалното, неспособно, криминално владеење на СДСМ.
*По се што Ви се случуваше, до каде е професионалната оперска кариера на Ана и Игор Дурловски, има ли покани за настапи на светските сцени?
-И покрај тоа што се вративме да живееме во Македонија, нашите ангажмани и соработка со оперските куќи во светот продолжија. Следната сезона Ана има неколку гостувања во Германија и Франција, а јас имам понуда за договор на две години во Австрија, кој се уште го разгледувам. На штета на македонската публика, ние најмалку настапуваме дома.
Comments are closed for this post.