Ковачевски досега не излегол на избори, на анкети губи убедливо, и десетици илјади му протестираат. Пораката е јасна. Ова денес е најсилната порака дека народот сака избори. Ковачевски не се криј зад овие канцеларии, му порача на премиерот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот голем протест пред Владата.

Како до избори? Активната блокада во Собранието го даде посакуваниот ефект. Воедно сакам да предупредам доколку нема договор за избори ова лето потоа ќе преминеме во фаза на целосна блокада. Таа целосна блокада ќе биде во Парламентот, но и блокада на институциите, блокада на патишта, протести низ градовите. Блокада на процедурите и системот во распаѓање. На тој начин нема да легитимираме систем кој е диво месо и затруен од криминал и неспособност.

Дали сево ова ќе има штети, некој ќе праша? Одговорот е најголемата штета сега ја плаќаме, а нашата блокада ќе биде за спас од таа штета.
И нема време за чекање затоа што кризата ќе биде уште поголема и уште пофатална, рече Мицкоски.

Предупреди дека следи најтешката зима, а со оваа влада ќе биде вистинско економско цунами за народот.

Ние досега сме имале работно лето, но ова лето ќе биде протестно лето во чиј фокус ќе биде Македонија на прво место. Тоа подразбира дека тимови на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посетат сите градови и села, пратениците, Извршниот и Централниот комитет, заедно со градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе работат на општа мобилизација и изразување на незадоволство од политиките и лошата перспектива и економска состојба. Ќе се обратиме до земјоделците, докторите, работниците, професорите, службениците, невработените, стопанствениците, до целиот народ и ќе побараме да ни се придружат.
Македонија на прво место во одлуките, во делувањето, за нашиот народ. Нас ни е потребна општестевна поддршка за целосен триумф врз мафијата.

Оваа есен ќе биде есен на блокада на неспособноста и на сè она што претставува оваа власт, најави Мицкоски.