Поранешниот претседател на Бугарија Росен Плевнелиев во колумна насловена „Моментот на вистината за претседателот Радев – следните десет дена се решавачки за Бугарија“, објавена на „24 часа“, повикува на решителни политички чекори на, како што ги нарекува, „проевропејците“ во Бугарија, со што би се спасила и иднината на земјата.
Според Плевнелиев, исклучително важно е да се намали руското влијание во Европа, Украина да добие статус на кандидат за членство на Европската Унија, како и да се откочи процесот за евроинтеграција на Македонија и на Албанија.
Според него, посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц на Скопје и на Софија е последен напор на лидерите на демократскиот свет да го откочат тој процес.
Плевнелиев смета дека за прв и можеби за последен пат има шанси да се постигне обврзувачки договор меѓу двете држави (Бугарија и Македонија) што ќе ги гарантира трите јасно формулирани бугарски барања: прво – да се промени Уставот на Република Македонија со што ќе се дадат еднакви права на Бугарите со другите народи, да се исполни Договорот за добрососедство со резултати, и трето – европските вредности втемелени во Копенхашките критериуми за демократско владеење, човекови права и функционална пазарна економија да бидат запазени.
За Бугарија да го крене ветото на претстојниот Европски совет на 23 јуни, се предвидува потпишување на договор меѓу двете држави во Париз, гарантиран од ЕУ и претседателот Макрон – еден од лидерите на демократскиот свет, чија изведба треба да се следи од ЕК и да ѝ бидат дадени гаранции на Бугарија дека првата меѓувладина конференција ќе се случи само откако ќе го сменат Уставот и откако почитувањето на Договорот за добрососедство и на Копенхашките критериуми ќе бидат хоризонтална мерка при затворањето на сите 35 поглавја. Практично, Бугарија ќе постигне договор, како што Грција постигна во Преспа, а кој функционира, анализира Плевнелиев.
Тој посочува дека ако Радев застане на „вистинската страна“, тогаш тој јавно ќе му се заблагодари.
Мојот апел кон Радев е да разбере дека од историска гледна точка, за еден претседател не е важно колку мандати имал, колку битки добил или каков му бил рејтингот. Успехот на претседателот се мери само и единствено од напредокот и модернизацијата на општеството и државата, а тоа е возможно единствено преку забрзана интеграција на Бугарија во еврозоната и шенген. Следната седмица Радев може да постигне историски успех и јавно ќе му се заблагодарам ако постигне компромис, пишува Плевнелиев.
Тој прашува дали Радев, соживувајќи се со улогата на популарен и „силен“ народен лидер, ќе застане на погрешната страна во геополитичката битка, осудувајќи го бугарскиот народ на изолација и популизам што ќе ескалираат до вистинско непријателство и омраза меѓу два братски народа. Плевнелиев има и конкретен предлог за тоа какви чекори да преземе бугарскиот премиер Кирил Петков.
Изборот е негов и на сите нас. Со оглед на фактот дека Радев стана претседател на русофилите, на антиваксерите, на антисистемските групи во општеството, па се очекува да му служи на рускиот геополитички интерес и да ја блокира понатамошната интеграција на Бугарија во Еврозоната, проевропските и продемократските сили треба да бидат на висина на очекувањата на претстојниот историски момент. На пример, премиерот Кирил Петков може да го направи тоа што го направи Ципрас во последните денови на неговото владеење во Грција. Гледајќи го крајот на својот мандат, тој го потпиша Преспанскиот договор, го отвори историскиот процес на помирување и реформи, од што Грција спечали многу, а и денес Ципрас е лидер на најголемата опозициска партија во парламентот, порачува Плевнелиев.
Тој го повикува бугарскиот премиер Кирил Петков да отвори дебата во Народното собрание.
Ако Петков е искрен во намерата да бара проевропско решение, и покрај контра играта на Радев може да отвори дебата во Народното собрание, да го слушне извештајот за напредокот на преговорите од министерката Генчовска (која е блиска на Радев), нека се дебатира отворено и искрено и да се донесе национално одговорно решение, кое премиерот Петков ќе го заштити на 23 јуни во Брисел. Тоа, најверојатно, ќе биде крај на неговото владеење, но знаејќи дека на следните избори во Народното собрание уште повеќе ќе влезат антиевропски и популистички партии и под лидерство на Радев ќе го блокираат и веројатно ќе го доведат до знак прашалник членството на Бугарија во ЕУ и НАТО, задачата на проевропските сили е да изнајдат формула за состав на Влада од постојниот парламент, во кој проевропејците се уште имаат мнозинство и во следните две години забрзано, со поддршка од европските партнери, да ја интегрираат Бугарија во Еврозоната и Шенген и да ги отворат европските фондови за модернизација и зелена трансформација на економијата“, порачува Плевнелиев.
Comments are closed for this post.