Уште при формирањето на новата Влада, премиерот намесник Димитар Ковачевски, меѓу првите работи, што ги кажа околу спорот со Бугарија, беше тоа дека во неговиот кабинет ќе нема место за пропагандистите, кои наводно биле пречка за излез од ќорсокакот. И не само во кабинетот, туку и во медиумскиот простор преку говорот на омраза, па и во општеството во целина.
Како и обично, кога станува збор за владеачкиот СДСМ, без наведување конкретни имиња работата излезе ќорфишек. Не затоа што меѓу пропагандистите, покрај други, многумина го препознаа бившиот министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров, туку пред се поради тоа што пропагандистите и пропагандизмот станаа основна алатка во дневно-политичката пресметка со опозицијата и релативизирање на неуспесите на секое поле од општествениот живот.
Играјќи на картата на слабо паметење, патем само ќе го споменеме она познато јавување од државни институции од страна на поединци, кои наводно лобирале да нема решение за спорот со Бугарија, и тоа на самиот почеток на руската агресија на Украина. Оттогаш еве минаа 100 дена, а до ден денес власта на СДСМ, пардон на владејачката ДУИ, се уште нема споменато ниту едно име зад кое стојат таквите активности.
И овој пропагандистички идиотизам на СДСМ во последно време има некоја нова насока. Прво се јавува од страна на „независни“ медиумски корисни идоти, а по некој ден станува составен дел од партиските соопштенија.
Па така сега, како најнов повод за напад врз лидерот Христијан Мицкоски и на најголемата опозициска партија служи последната средба на Европската народна партија (ЕПП) каде членува и ВМРО-ДПМНЕ.
-Десетици важни закони се блокирани со месеци во Собранието заради личните интереси и хирови на Мицкоски. И додека дома блокира и глуми патриот, Мицкоски надвор ги поткопува државните интереси и врши предавство. Европската народна партија каде што членува и ВМРО-ДПМНЕ усвои резолуција со која го поддржува отворањето на преговорите со ЕУ, но истовремено ги поддржува ставовите на Бугарија. Мицкоски кој беше дел од Конгресот каде се усвои Резолуцијата молчи и не одговора дали ја поддржал резолуцијата и кој бил неговиот став по однос на тоа прашање. Со немањето став по резолуцијата, Мицкоски ја поткопа државната позиција во процесот со Бугарија, нанесувајќи штета на националните интереси. Освен да блокира важни процеси, да носи штета врз државата и да брани криминал, Мицкоски нема никаква друга агенда, уште еднаш самиот се потврдува како најнеодговорен политичар, стои меѓу другото в о денешното соопштение на владеачкиот СДСМ.
Краток текст за универзитетски час по пропагандистички идиотизам! СДСМ се најде загрижен за резолуцијата на ЕПП, која е речиси идентична со таа, што неодамна ја донесе Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Каде беше тогаш СДСМ да реагира, да прашува и да обвинува за предавство и за поткопување на државните интереси? Таа резолуција, на пример, ја гласаа и бугарските социјалисти, партијата на Корнелија Нинова, која е дел од владејачката бугарска коалиција, а башка е и сестринска партија на СДСМ. Настрана ова, па и бугарскиот претседател Румен Радев е од редовите на социјалистите, кој нели од полето на историјата, проблемот го префрли на човековите права и слободи, па постави ново барање за вметнување на македонските Бугари во македонскиот Устав. Со овие факти, според антилогиката на пропагандистичкиот идиотизам на СДСМ, и тие како партија и лидерот, намесникот премиер Димитар Ковачевски, вршат предавство и ги поткопуваат државните интереси.
Но, суштината е во друго. СДСМ и намесникот премиер Димитар Ковачевски можат на глава да стојат, но не можат да го избришат фактот дека тие како партија, а Зоран Заев како премиер го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со терминот „заедничка историја“. И тоа во време кога Заев беше во голема љубов со тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов од редовите на ГЕРБ, која исто така е членка на ЕПП. А, Заев, да не заборавиме јавно и се извинуваше на Нинова, што не може да присуствува на конгресот на бугарските социјалисти, но и ветуваше брзо видување и евентуално „заедничко возење на неговиот мотор“.
Значи, Договорот и „заедничката историја“ не се производ ниту на Мицкоски, ниту на ВМРО-ДПМНЕ.
Токму поранешниот лидер на СДСМ, премиер и претседател на државата, Бранко Црвенковски, само пред неколку дена јавно обзнани дека истиот тој Договор со терминот „заедничка историја“ биле грешка. И таа грешка сега СДСМ и Ковачевски колку и да сакаат не можат да ја префрлат на друг ни со пропагандистички идотизам!
Comments are closed for this post.