Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска оствари средба со Архиепископот Охридски и Македонски и поглавар Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан.
На средбата премиерот Ковачевски му честиташе за радосната веста за одлуката на Светиот Синод на Вселенската патријаршија со која Македонската православна црква – Охридска архиепископија се прима во евхаристичко заедништво со останатите православни цркви.
Премиерот Ковачевски на средбата истакна дека станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на МПЦ, наследничка на древната Охридска архиепископија.
Со оваа одлука на Вселенската патријаршија, беше потенцирано на средбата, архијереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со останатите православни цркви.
Претседателот на Владата Ковачевски на средбата со архиепископот охридски и македонски и поглавар на МПЦ-ОА г.г. Стефан, посочи дека оваа историска одлука е донесена кога оваа генерација архијереи раководи со МПЦ-ОА и со православното свештенство, монаштво и со православниот народ и дека таа е донесена со интензивна комуникација со Вселенската патријаршија во последните 4 години, во која со свој придонес учествуваа и претставници на Владата на Македонија.
Во таа насока беше и писмото на премиерот Ковачевски на почетокот на неговиот мандат до патријархот на Цариградската патријаршија, неговата светост Вартоломеј, во кое тој уште еднаш повика МПЦ-ОА да биде примена во евхаристичко единство со мајката црква како решение на ова долгогодишно црковно прашање во нашата земја.
Comments are closed for this post.