„Тргопродукт“, најпознатата компанија во сопственост на членовите на фамилијата на поранешниот премиер Зоран Заев, доби неповратен грант од 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, пренесува „Фактор“.
Компанијата од струмичко Дабиље, која се занимава со откуп на овошје и зелечук и го поседува брендот „Мама’с“, на 21 април добила исплата од 86.608.249 денари. Оваа сума следува како учество во инвестициски проект и е втора најголема дадена како грант во историјата на земјоделскиот фонд откако се работи со ИПАРД-програми.
Финансиската поддршка за корисникот ДПОЗ Тргопродукт ДООЕЛ изнесува 86.608.249 денари за набавка на опрема за прием, обработка и преработка на земјоделски производи и опрема за полнење, затворање, пастеризација, пакување и етикетирање на производи, односно 75% ЕУ учество во износ од 64.956.187 денари и 25% национално учество во износ од 21.652.062 денари, се вели во објаснувањето на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Годишно агенцијата доделувa околу 500-тини грантови за инвестиции реализирани од правни и физички лица, а има и до 90.000 апликанти.
Comments are closed for this post.