Царинската управа ја стопирала истрагата против тутунскиот комбинат „СЕКЕ“, кој е во сопственост на контроверзниот руски бизнисмен близок до Путин, Иван Савидис.

Информацијата ја објавува порталот „Економски Лидер“ повикувајќи се на извори во Царина. Според тие информации против фирмата на Савидис лани била отворена истрага од Царинската управа заради нејзина поврзаност со фирми ќерки во Грција и Бугарија кои во своите матични држави се под мониторинг на властите заради измама на доверителите и лажен стечај.

Но, кон крајот на 2017 година, скоро по доаѓањето на новата власт, била стопирана истрагата насочена кон „СЕКЕ“, од засега необјаснети причини. Неофицијално истрагата се водела и поради сомнеж за финансирање на проруски политики на Балканот.

Засега нема одговор од Царина на прашањето дали и зошто е затворена истрагата.

Владата преку владиниот портпарол ги отфрли информациите за поврзаност со бизнисменот Иван Савидис.

И Компанијата „СЕКЕ“ ДООЕЛ Прилеп  преку соопштение, категорично ги демантираше сите обвинувања за каква било поврзаност со рускиот бизнисмен Иван Савидис, како и наводите во медиумите за поврзаност на компанијата со Владата на Република Македонија, со премиерот Зоран Заев, или со која било политичка партија во Македонија.

Во демантот се објаснува дека компанијата која е во сопственост на рускиот бизнисмен Иван Савидис има назив „СЕКАП“ АД Грција и претставува потполно различен субјект, кој нема никаква поврзаност со „СЕКЕ“ АД Грција, која е основана во 1947 година и до денес ја нема променето својата сопственичка структура и оти тоа може да се провери од податоците за сопствениците на двете компании кои се јасно наведени на нивните официјални веб страници.

Но на веб сајтот на компанијата која тие ја посочуваат, одредени медиуми објавија дека јасно стои оти се работи за сопственост на Савидис. Како содружници во компанијата се споменуваат токму нивната компанија „СЕКЕ АД ГРЦИЈА“, заедно со банката АТЕ, и Донски Тобако, а сите се сопственост на Савидис.

Од опозициската партија по појавувањето на информациите во медиумите инсистираат премиерот Заев лично да одговори која е поврзаноста на власта со рускиот бизнисмен.

Зоран Заев мора да одговори на индикациите во медиумите каде спротивно на владата и компанијата „СЕКЕ“ од Прилеп, за тоа дека не е поврзана со бизнисите на Савидис, стои наведеното во сопственичката структура на компанијата на Савидис, јавно достапна на интернет, каде јасно е наведена прилепската компанија како содружник. За заедничката партнерска и сопственичка структура на „СЕКЕ“ и грчката „СЕКАП“ АД ГРЦИЈА  пишуваат и грчките и бугарските медиуми, а се пренесени и во македонските медиуми, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.