Во рамки на инструментите што ги нуди Отвoрен Балкан, денеска во Белград министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на работниот состанок со српскиот вицепремиер и министер за земјоделие Бранислав Недимовиќ, постигна договор во следните 7 до 10 дена да се тргне забраната за извоз од Србија во Македонија на производите пченица, пченка, брашно, масло за јадење и да почне испораката на количините што се договорени меѓу економските партнери од двете држави, јави дописникот на МИА од Белград.
Денеска во Белград, во рамки на инструментите што ги нуди Отвoрен Балкан се сретнавме со српскиот вицепремиер Бранислав Недимовиќ, каде на состанокот е постигнат договор во следните 7 до 10 дена да се тргне забраната за извоз од Србија во Македонија на производите пченица, пченка, брашно, масло за јадење. Тоа значи дека сите договори на нашите економски партнери од сите стопански комори ќе бидат реализирани, забранатa ќе биде тргната, а за договорените количини ќе биде испратено и писмо, уште денеска од премиерот на македонската Влада до српската премиерка, со цел да да се тргне српската забрана за извоз во следните 7 дена, како што и беше договорено на овој состанок – изјави министерот Николовски по средбата.
Според Николовски, „тоа значи дека Македонија ќе има доволно количини на овие стратешки култури, се до следната жетва и граѓаните треба да бидат смирени“.
Работиме на алтернативни пазари и максимално се посветени да обезбедиме доволни количини на пченица, пченка, брашно, масло за јадење за потребите на секое едно домаќинство во Македонија – кажа министерот Николовски во Белград.
На седницата на српската Влада на 10 март беше донесена одлука за привремена забрана за извоз на основните земјоделски прехранбени производи значајни за населението – пченични зрна, пченично брашно, пченка и сончогледово масло, со цел навремено да се одговори на нарушувањата на пазарот и зголемената побарувачка, поради воениот конфликт во Украина
Comments are closed for this post.