Утрово голем број маркети беа запечатени со жолти ленти и пломби на коишто пишува дека е затворено од Управа за јавни приходи.
Вчера во гостувањето во емисијата Топ Тема на Телма, директорката на УЈП, Сања Лукаревска изјави дека повеќе од 300 инспектори и контролори од УЈП се во инспекциски надзор во 84 објекти на КАМ маркетите заради регистрирани неправилности.
„Во моментов повеќе од 300 колеги од Управата за јавни приходи се во сите подружници на КАМ маркетите, заради утврдени соодветни неправилност“, информираше во Топ Тема, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.
Таа кажа дека акцијата ја спроведуваат инспектори и контролори и други овластени лица.
Во досегашната работа на Управата за јавни приходи утврдено е дека одредени производи не се ставени во стапката „Г“ во која требало да бидат ставени. Кај одредени деловни единици константирано е дека одлуката на Владата за основните производи, не се почитува до крај, истакна Лукаревска.
Во истата емисија директорката на државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска Димоска, изјави дека досега најмногу контроли биле вршени за продажбата на маслото, лебот и брашното, артикли кај кои маржата е нула и продажната цена треба да е еднаква на набавната.
Од почетокот на одлуката, од 1 март до денеска, имаме извршено над 600 надзори. По основ на овие надзори имаме констатирано неправилности кај 44 субјекти, по кои што изречени се прекршочни платни налози во вкупен износ од 194.060 евра. Само по однос за непочитување на одлуката за цените, изречени се платни налози во износ од 144.360 евра, 36.400 евра изречени се заради утврдено нечесно пазарно однесување и за условување при купување, наведе Симеска Димоска.
Таа појасни дека казните од 36.400 евра се за трговците кои биле констатирано дека одредени производи биле чувани во магацините а не биле ставани на рафтовите, во очекување на нови повисоки продажни цени.
Comments are closed for this post.