Tокму во градот на конзулите правиме отчет за сработеното во кои се опфатени општините во Пелагонскиот регион, а кои се управувани од ВМРО-ДПМНЕ. И овој отчет денес се реализира само поради фактот што ВМРО-ДПМНЕ има што да претстави за својата работа, за своите први сто дена и затоа што градоначалниците се тука за граѓаните – истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор во Битола.
Можам да кажам дека овие луѓе со својата работа демонстрираат на дело промени кои се забележуваат, промени кои ја менуваат наследената реалност, промени со кој им помагаат на граѓаните во секојдневниот живот. Но отчетот е доказ за нашата посветеност кон работата, но и фактот дека ние од народот не бегаме, и во добро и во лошо, заедно низ сите бури и искушенија.
Овие 1 090 проекти на кои се работи, ќе беа најмалку дупло повеќе да не беа хаосот, безредието, затворените општини, корупцијата, енормно презадолжените општини, неработа, неспособноста кои започнавме да ги менуваме, а ги затекнавме со превземањето на општините.
Овие 100 дена се сублимат на многу мали, но еднакво вредни победи за сите нас. Но и големи проекти за кои треба волја, но и знаење. А вие самите знаете дека никогаш не ветувавме чуда, но се чуствува дека носиме промени што ја менуваат сегашноста, промени што носат иднина и промени за кои заедно се бориме.
Ние покажавме дека умееме и можеме. И тука има нешто што тие го немаат. Нови луѓе, со нова енергија и план кој го соддржи клучот-работа, посветеност и визија – рече Мицкоски.
Во изминатите сто дена започнавме над 1 000 проекти. Или точната бројка е 1 090 проекти за сто дена. Започнати се со реализација 166 капитални објекти низ целата територија на Македонија.
Започнати се со проектирање, градба или реконструкција нови 33 градинки и 68 училишта. Точно 206 улици и патишта се градат или реконструираат со вкупна должина од околу 100 км. Се инвестира во градба на 111 водоводи и канализации, 96 игралишта и паркови. Расчистени се 200 диви депонии.
И кога сето ова ќе го кажеме од власта ќе кажат ама вкупниот збир на сите овие проекти не го дава бројот 1090. И освен со насмевка за нивната весела математика, има туку и по малку чуство на завидливост кај власта зошто толку многу се работи. И затоа само ќе одговорам има и многу други проекти како што се изградени како пешачки и велосипедски патеки, отпочнати процедури, завршени легализации на дворови и меѓи кои се кочеле со години. На пример само во Битола се такви над 1100 предмети и легализации кои биле блокирани, а за кои не чуствуваме дека треба да ги броиме, туку сработиме и затоа едноставно ќе порачам ги поканувам тие од власта да дојдат на еден од отчетите и да се уверат во реализираното.
И имајќи ги во предвид сите овие проекти кои ги споменав секој си го поставува прашањето дали сето ова е доволно? Секако дека потребно е повеќе и уште подобро. И ние не застануваме. И ние немада ве изневериме! Бевме заедно кога имаше и поплави, и кога имаше пожари, и кога тутунот не се откупуваше и кога државата затвораше врати за народот. Ние заедно со народот, со луѓето на Македонија од сите вери и нации се боревме за иднина – нагласи Мицкоски.
Затоа продолжуваме да работиме за промени кои мора да се подлабоки и пошироки!
И ова е почетокот за нашата заедничка визија за иднината за која се бориме и иднината која ја заслужувате, за градоначалници кои се вашиот глас во институциите и државата, за политичари копи ссе вашата сила воп општеството кое мораме да го менуваме.
Заедно до целта. Заедно во нови успеси и проекти.
Ги менуваме општините. Новите градоначалници носат проекти и промени кои се чувствуваат и гледаат.
И ќе се избориме, за многу нови победи. Надежта е родена и таа ќе победи. Затоа што наша задача и наша обврска се промени што носат иднина за секој човек!
А локалната самоуправа, општините се крвтокот на слободата во една држава, и тоа е островот од кој започнуваат промените за иднината за која се бориме за секој човек – потенцираше лидерот на ВМРО ДПМНЕ.
Тој додаде дека иднината во која веруваме мора да дојде преку промени.
Длабоки и брзи, зошто реалноста е се потешка. Главниот удар врз народот се инфлацијата, ниските плати, а високите цени на производи. И сите оние од власта кои велеа дека покачувањето на цената на струјата било симболично и дека го спасиле народот од огромно покачување, и затоа треба да бидат среќни и задоволни од постојното, нека ги прашаат домаќинствата кои ја добија сметката за струја за последниот месец. Ако плаќале 8 илјади денари минатиот, овој месец таа е 14 илјади. Ако плаќале 6 илјади, таа сега е над 9 илјади денари. И не е само струјата за домаќинствата, поради негрижата на владата можно е покачување и на цената на водата, затоа што повисоката цена на струја предизвикува зголемени трошоци за снабдување на водата која неминовно може да доведе до покачување на нејзината цена која на крајот пак ќе ја плати народот.
А што прави владата? Владата глуми преговори со некои здруженија, новоформирани организации и симулира социјален и економски дијалог, во исто време кога во собранието директно ги одбива предлозите за покачување на пензиите на пензионерите, платите на наставниците и останатиот јавен сектор. И симулирајќи наводни преговори со наклонетите здруженија по некоја недела ќе прочитате постигнат е договор за некакви банални барања во кои ќе имате гол популизам, но не и вистинско решение. Во собранието се расправа за измени на законот за наставници, закон кој не предвивува зголемување на платите туку со давање на можност за нова партизација, во исто време кога пред некој ден го одбија предлогот на ВМРО ДПМНЕ за усогласување на платите и нивен раст. Затоа еве повикувам владата да го прифати покачувањето на пензиите и платите кое го предлагаме, а ВМРО-ДПМНЕ јавно ќе го пофали таквиот чекор и ќе се откажеме од нашите заслуги, бидејќи ова наше барање не е поради популизам туку поради вистинската грижа за народот, само да се помогне на граѓаните.
Доста е тапкање во едно место. Мора да одиме напред, да одиме цврсто, мораме да донесеме иднина за нашата држава. Со мобилизација на голем број на млади умови, мудри глави, еминентни личности. ВМРО ДПМНЕ не застанува тука, допрва доаѓа вистинската преродба, вистинските промени за иднината во која веруваме и за која се бориме – рече Мицкоски.
Би сакал да кажам збор два и за она што во овој момент преставува главна политичка тема, а тоа е спорот со Бугарија. Премиерот на македонската влада пропушта историска прилика да постигне национално единство на кое што повикав, и кое не случајно го понудив.
Националното единство е нужност затоа што информациите со кои располагам укажуваат на тоа дека во игра е многу повеќе од само промена на македонскиот устав, и во таква една ситуација сметам дека е политички зрело и државнички кога веќе на тоа не се осудува првиот човек на владата, јас да сум тој што ќе повика на национално единство. Ковачевски со тоа што одбива можност за национално единство за прашањето со Бугарија, практично пропушта можност едногласно да ги зациментираме позициите за заштита на националните, државни идентитетски линии. Ваквиот договор за национално единство околу ова прашање не значи дека и утре, и деновите потоа нема да критикуваме за дневните политики и теми, но тоа значи дека и македонската опозиција, и пред се ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија заедно со македонската влада ќе штитат идентитет, историја и јазик. Ваквото одбивање на подадената рака за национално единство значи само едно, дека Ковачевски наместо во коалиција со народот и на страна на државните и национални интереси, е во коалиција со Бугарија и поддржува се она што тие бараат.
И тука морам јавно да изразам сомневање дека барањата на Бугарија и она за што преговара Ковачевски е многу подлабоко освен промена на уставот и вметнување на бугарското малцинство во него, туку на маса е и македонскиот јазик, историја и постоење на македонскиот народ во историски и политички контекст. И во таква една ситуација пресметката на Заевизмот и Ковачевски како негов најистурен експонент е одбегнување на национално единство што ќе ги штити црвените линии, постигнување на договор со Бугарија за чие неприфаќање единствено ќе биде посочено со прст за виновно ВМРО, а тоа во јавноста лажно ќе се престави дека е решение кое доколку е отфрлено вие сте против ЕУ, а доколку биде прифатено тогаш сте за ЕУ. Независно што едното со друго нема никаква врска и тоа што оваа кнедла која се подготвува во кујните на Заевизмот ќе биде идентитетски разорна за постоењето на нашиот народ и држава. Дека зад ова сценарио за одбивање на обединување околу националните прашања седат ваквите мотиви доказ е и одбивањето на власта на Декларацијата за Гоце Делчев, пред се поради стравот на Ковачевски да не се налути Бугарија кој е поголем од желбата за почит кон великанот. И јас немам намера да трошам енергија на ваквата кусогледост на владата, но државнички, зрело и одговорно кон својот народ и иднината која ја заслужуваме е да подадам рака за национално единство и обединување за одбрана на националните интереси, заштита на нашиот јазик и посебност, и како такви да почнеме час поскоро преговори со Европската Унија и напредок на тој пат и покрај сите сериозни недостатоци во поглед на реформи и дневни аномалии кои како општество ги имаме. Иднината ќе биде наша доколку и иницијативата биде наша, доколку се држиме заедно и доколку се бориме заедно. Верувам дека може да се постигне разумен напредок кој нема да биде потценување на едните за сметка на другите, туку разумно решение кое ќе ги рефлектира нашите европски аспирации, но и подготвеноста на Бугарија да помогне на држава сосед, на држава пријател и држава чиј главен интерес е иднината на нејзиниот народ. Македонија историски и цивилизациски е мирољубива земја, со космополитски карактер, и секогаш дел од Европа во која сеуште веруваме. Потреба е таа надеж да биде возвратена, почитувана и вреднувана – истакна Мицкоски.
Овие промени кои ги направија за само сто дена градоначалниците се искра надеж, но и огледало за тоа што можеме да направиме за нашата држава.
Секое исправување, секој проект е една наша заедничка победа. А таа победа е промената која треба да се случи за иднината на нашата држава. Тие мали победи се кимвалот на промените кои доаѓаат и кои мора да бидат движење, организирана волја на сите слободни индивидуи, паметни млади и стари, десни, центар и леви, христијани, муслимани, атеисти. Затоа што е тоа е Македонија, една, наша заедничка, за секогаш. Борбата продолжува и победата е тука. За промени што носат идина – рече на крајот Мицкоски.
Comments are closed for this post.