Согласно препораката на Комисијата за заразни болести и одлуката на Владата, денеска започна второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Физичкото присуство на учениците во своите училници мина во знакот на новиот бран на омикрон вирусот на Ковид-19, а надлежните државни институции немаат точни податоци за тоа колку ученици и наставници биле отсутни на првиот ден од наставата.
Наставата започна со задолжителните ковид протоколи, а од Министерството за образование и наука велат дека и ова полугодие ќе им се дозволи на учениците да следат настава онлајн, доколку тоа е побарано, од медицински или други причини, со дозвола на училиштето.
-Медицинска причина се докажува со достава на медицинска документација од овластена здравствена установа. Додека пак, немедицинска е секоја причина која не произлегува од одредена хронична болест на ученикот или член во семејството, атипичен развој на ученикот и слично, но сепак иницира оправданост за да може ученикот да не посетува настава со физичко присуство во училница како би се намалиле евентуалните ризици од дополнителни компликации на состојбата. Во вакви ситуации, учениците односно нивните родители/старатели преку непосреден контакт со наставниците и раководството на училиштето носат заедничка одлука за вклученост на ученикот во наставата преку друга форма, велат од МОН.
Од таму додаваат дека од она што го имаат како информација од првото полугодие, наставата на далечина била успешно организирана. Доколку ова право пак му е ускратено на некој ученик, потсетуваат дека родителите/старателите можат да достават претставка до Државниот просветен инспекторат.
Според протоколите за настава, и во основните и во средните училишта, стои дека влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитнa маскa. За време на големиот одмор носењето на маски на отворен простор не е задолжително, но со почитување на потребното растојание меѓу учениците, предвидува протоколот.
Исто така, задолжително е мерење температура со бесконтактен топломер и дезинфекција на влез во училиштето, како за наставниците, така и за учениците. Предвидени се посебни одредби за одржувањето на хигиената, а се споменува и проветрувањето, кое е задолжително после секој наставен час, како и најмалку половина час пред пристигнувањето и по заминувањето на учениците. Доколку дозволуваат временските услови, уште стои и дека е пожелно е да се остави отворен прозорец за време на наставниот час.
Доколку дојде до влошување на епидемиолошката состојба, од МОН велат дека остануваат како алтернатива уште две сценарија: преминување на целосно онлајн настава или примена на комбиниран модел. Ова може да се случи ако такви насоки даде Комисијата за заразни болести и доколку такви заклучоци произлезат од скринингот, што ќе го спроведува Министерството за здравство на ученици, кои ќе бидат избрани по случаен избор.
Comments are closed for this post.