Необјаснив масовен помор на риби предизвика страв од широко распространето труење на водата за пиење во Ирак.
Поморот на неколку стотини тони крап се случил на неколку фарми за риба на реката Еуфрат во градот Хиџијах, што се наоѓа на осумдесетина километри јужно од Багдад.
Ниту рибарите, ниту претставници од надлежните државни органи не можат да ја објаснат причината за угинувањето на рибите, а дополнителна загриженост предизвикува фактот што во таа област, жителите и фармерите веќе подолго време се жалат дека квалитетот на водата е под стандардите.
Овој помор, само ги зголемува проблемите што граѓаните на Ирак ги имаат со снабдувањето со исправна вода за пиење. Претходно, официјални здравствени лица соопштија дека поради стомачни тегоби, стотина илјади луѓе побарале лекарска помош во јужната покраина Басра, каде што граѓаните забележале дека од славините течат жолта вода и кал.
Comments are closed for this post.