Изјаснувањето и дефинирањето на тоа каква етничка заедница егзистира во која било од државите во регионот мислам дека не би било продуктивно во овој момент, ние се водиме од европски принципи и практики и тоа ќе остане така, тоа е наша уставна обврска, рече министерот Бојан Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција со германската министерка за Европа, Ана Лирман.

И досега, нагласи тој, имавме пракса на немешање во внатрешните прашања на која било наша соседна држава.

Тоа ни е обврска од Уставот, така што не е на Cеверна Македонија каде и какво малцинство има во регионот, тоа е внатрешно прашање на сите држави во регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, а секоја група на луѓе, етничка заедница или пак политичка партија или здружение имаат право да ги бараат своите права преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права или Европската конвенција за заштита на човековите права, рече Маричиќ.