Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое се вели:
Возљубени чеда во Господа,
Радосниот празник на Христовото рождество е спасоносниот ден во кој се помириja небото и земјата и денот кога Синот Божји, Кој вечно се раѓа од Отецот, се роди во времето. Денес предвечниот Бог „стана човек заради човекот” и „Бог се вочовечи за ние да се обожиме”. Денес, на овој величествен ден, милостивиот Господ го ослободи човековиот род од ропството на гревот и му ги отвори вратите на рајот. Бог толку го возљуби светот, што го даде својот единороден син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има живот вечен. А човекољубивиот Бог уште на почетокот го избрал човековиот род за спасение, посиновувајќи го преку својот единороден син – Господ Исус Христос, со што дал можност …сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината8. Тоа единство меѓу Бога и човекот било посакувано и очекувано од сите праведни и богољубиви луѓе во старозаветната историја. Уште многустрадалниот Јов копнеел да биде во близина на Бога, воскликнувајќи: О, да знаев како да го најдам, да можев да се приближам до престолот Негов! Но дури кога се исполнило времето, Бог го испратил својот син, кој се родил од пресвета дева Марија и како Богочовек го спасил паднатиот во грев човеков род.
Возљубени празникољупци,
По милоста Божја, еве, и годинава се удостоивме да го дочекаме Празникот на нашето спасение, па затоа да Му благодариме на Бога за непроценливиот дар на љубовта, дарот даден како белег на оние коишто се фалат со неговото име. Токму во овие денови на празнувања, во време на дарови и во време на прославување, повикани сме да ја побараме смислата на празникот, смислата на дарувањето, смислата на славењето, да ја откриеме пораката не само на човековите обичаи, туку и на човековиот живот, и на неговата определба и цел. Зашто, има ли некаква корист за човекот празнувањето на Божик без Бога? Која е ползата од чествувањето без духовна радост? Божествениот златоуст вдахновено го осмислува празнувањето: „Бидејќи сите се веселат од радост, и јас сакам да се веселам, сакам да играм, сакам да торжествувам. Но… наместо музички инструменти, ги носам даровите христови. Зашто тие ми се надеж, тие ми се живот, тие ми се спасение…”. Ваквото разбирање на празниците, ваквите зборови што придонесуваат за духовен спокој, се вистинскиот начин што ни е потребен во ова време на предизвици. Даровите христови му ја донесоа на човекот надежта дека ќе празнува со Бога и во Бога и му ја објавија смислата на животот, што ја беше загубил поради престапот на прародителите.
И, еве, во време кога светот ги слуша само оние нешта коишто сака да ги чуе, светата црква го крева својот глас и му говори на современиот човек со зборови разбирливи, зборови нови, зборови од неговиот сопствен јазик, но коишто не се во согласност со неговиот начин на живеење. Црквата живее и постои во два света, но својот здив го добива од небесното царство, како од вистинска Татковина на секој човек. Ете, таа Црква нè повикува да ја разбереме суштината на Божик, на Божик како празник на божјата подадена рака, како празник за обновување на човековите духовни сили и празник на возобновените можности на човековата личност.
Поради тоа, на овој ден да си спомнеме и за последниве исклучително тешки години, исполнети со искушенија, предизвици, болки и разделби. Навистина, како човештво се соочивме дека, и покрај големиот технолошки развој посведочен во нашиов животен век, над нас висат катастрофи со кои човекот е премал да се соочи сам… Црквата, таа духовна мајка, преживувајќи ја историската и општествена реалност, му го нуди својот топол глас на современиот изморен и исплашен човек, своето автентично сведоштво дека, сепак, причината за болеста и за распадливоста во човекот е гревот. Болеста, како и секое друго зло во светот, е последица на секој наш грев, на секоја наша неправда што ја нанесуваме, на секоја омраза што ја допуштаме, на секој гневен поглед што го упатуваме…
Возљубени чеда во витлеемскиот богомладенец,
Во Црквата пееме дека Христос дојде во светот за да ја отстрани оддалеченоста на човекот од Бога, да го разруши ѕидот на поделбата меѓу небесните и земните12. Бог се соедини со човекот, а како што вели свети Григориј Богослов: „Тоа што се има соединето со Бога, тоа и се спасува”13. А спасителот, кој е пред нас и со нас на секоја божествена литургија, ни се дава како лек за секоја наша болка, како прошка на секое наше прегрешение, како залог за единство во Неговата благодат. Само тој е моќен, преку овие дарови, да ни ја врати слободата, се разбира, доколку се определиме да го следиме неговиот пат.
Comments are closed for this post.