Грејната сезона уште не почната, а воздухот е загаден како никогаш досега во овој период од годината. Случајно или намерно токму кога СДСМ е на власт мерните станици во Лисиче, Гази Баба и Битола наеднаш престанаа да функционираат, обвини Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје.
Таа праша дали власта поради тоа што не презема никакви мерки за справување со загадувањето ги исклучи мерните станици со цел граѓаните да не знаат кое е нивото на загаденост на воздухот со канцерогените ПМ 10 честички?
Дали Скопјани и оваа зиме повторно ќе се гушат? – Судејќи по односот на власта, почитувани одговорот е ДА! Што презема Зоран Заев и Петре Шилегов во насока на справување на загаденоста? – Ништо!, рече Колариќ.
Шилегов кој како што потенцираше советничката ветуваше експресно решавање на проблемот со загадување на воздухот, цела година повторува дека нема инстант решение за загадувањето во Скопје.
Дури и еден од петте постулати за европски и квалитетен живот од нивната програма „План за живот“, на страница 114 е чистата животна средина. Две години потоа владата нема преземено ниту еден чекор во насока на подобрување на амбиенталниот воздух, истакна Колариќ.
Таа испрати порака до градските власти, како да се измери загадувањето, онаму каде што мерните станици во моментов не работат.
Владата на ВМРО – ДПМНЕ своевремено изврши набавка на мобилни мерни станици на одредени факултети кои се во функција, па ако сакаат вистински да ги информираат граѓаните, нека побараат мерењата да се извршат од нивна страна, а притоа граѓаните да ја добијат вистинската состојба. Право на граѓаните, а обврска на власта е граѓаните да знаат за загадување на воздухот. И власта не смее да бега од својата одговорност, посочи Колариќ.
Comments are closed for this post.