1. Благодарам за секоја испратена честитка со искрени желби за мојот именден.
Нека Св.Никола не заштити сите нас од бури и неправди.
2. Денеска е 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески кој бил еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, инаку истакнат македонски книжевен, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, јазичар, преведувач, професор и академик.
Малку е познато дека процесот на кодификација на македонскиот литературен јазик не се одвивал лесно и едноставно. Имало големи тензии и притисоци заради отпорот за менување на јазикот од надлежните во Белград во тоа време во 1945 година, чија цел била истиот да биде поблизок до српскиот. Сепак, во многу голем дел притисокот се издржал, со прифаќање на помали компромиси. Во тоа време кога лесно се губела слободата или животот заради политички мотиви, тој отпор носел огромни ризици.
Не случајно покрај МАНУ се постави споменик на Блаже Конески во периодот кога бев премиер, кога самиот автор академик Томе Серафимовски одлучи тоа да биде негова донација. Статуа на Блаже Конески се постави и на мостот на уметноста во строгиот центар на Скопје.
Деновиве со задоволство ја примив веста дека мојата 14 годишна ќерка Анастасија, напишала песна за Блаже Конески со која добила и прва награда на општинско ниво на училишен натпревар, каде како што ми објасни песните се поднесувале под шифра и комисијата кога ги отценувала не ги знаела имињата на децата – автори. Подолу фотографија од школското пано каде е објавена прво наградената песна во рамките на одбележувањето на 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
3. Денешниот ден 19 декември секогаш ќе го памтам и по трагичната смрт и во крајно сомнителна сообраќајна несреќа со многу неразјаснети околности, на мојот вујко Јордан Мијалков, прв министер за внатрешни работи на Република Македонија во владата на Никола Кљусев.
Јордан беше еден од најголемите македонски патриоти кои било кога сум ги запознал во мојот живот. Тој е првиот човек од кого уште како дете кон крајот на седумдесетите години и во текот на осумдесетите ги слушав зборовите „независна Македонија“ и поривот за тоа.
Исклучително храбар човек, идеалист и патриот, подготвен на секакви ризици кога беше во прашање Македонија. Човек кој уште во осумдесетите години во времето на СФРЈ насекаде со гордост ја прераскажуваше историјата на Македонија а особено онаа од периодот на ВМРО, како онаа за која беше дозволено да се учи така и онаа која тогаш ја немаше во учебниците.
Се сеќавам еден летен ден во 1991 год се јави по телефон од МВР и побара да му однесам нешто од дома.
За кратко бев таму. Низ градот, пред Собранието, Владата, МРТВ и уште неколку клучни објекти веќе имаше поставено некакви борбени возила со кои тогаш располагаше полицијата, а полицајците наоколу невообичаено стоеја со автоматско оружје.
Само што влегов во неговата канцеларија ме замоли да излеземе од зградата, па тогаш и сватив зошто всушност ме викна. Надвор ме шокираше кога тивко ми кажа: „ти кажувам во најголема доверба и не смееш никому да кажеш. Имам информација дека можно е вечерва, или деновиве да има државен удар во Македонија. Ако умрам сакам да знаеш и да пренесеш – во Штип да ме закопаат!“.
Подоцна дознав дека тие денови премиерот и неколку министри ги распоредувал да преспиваат на непознати локации за ЈНА.
Тој државен удар кој веројатно ЈНА го планираше, за среќа не се случи. Но неколку месеци подоцна се случи неговото загинување во крајно сомнителна сообраќајна несреќа помеѓу Врање и Бујановац. Иако ја пренесов неговата желба, во тој хаос кога ја примивме трагичната вест, сепак беше закопан во Скопје.
Најголем „грев“ кој му се препишуваше од страна на тогашната ЈНА беше тајната операција со која МВР ја заплени целата документацијата на ЈНА, во ист час во ноќта, во сите подрачни единици во земјата на Министерството за одбрана.
Тоа беше негова идеја, тоа го знам изворно од него, иако по неговата смрт многумина си ја препишуваа. Операцијата под негова команда ја реализира МВР.
Во тој период ЈНА се подготвувала да изврши присилна мобилизација на десетици илјади Македонци, како резервен состав и нивно експресно испраќање на фронтот на ЈНА во Хрватска.
Акцијата спречи илјадници Македонци бесцелно да ги загубат животите а дел од нив да останат воени инвалиди засекогаш.
И секако и илјадници Хрвати од другата страна.
Оваа молневито извршена акција, за која неколку часа пред да се изведе одобрување доби и од премиерот Никола Кљусев и претседателот Киро Глигоров, го спречи тоа.
Покрај нив само уште мал број министри знаеја за акцијата, како Ѓорѓи Наумов, министерот за правда и Тодор Аџисанков, подсекретар во Министерството за одбрана, луѓе од негова голема доверба и другари од деца од Штип.
Можете само да ги замислите лицата на генералите на ЈНА кога следното утро при пиењето на утринското кафе ја добиле веста за заплената на документацијата без која неможеа да регрутираат ниту еден војник и да ги реализираат зацртаните планови.
Тие точно знаеле кој е одговорен за тој нивни пораз.
Така Јордан Мијалков спаси илјадници животи, но го загуби својот живот.
Comments are closed for this post.