Ова е наша заедничка борба, народот наспроти корумпираната власт. Ова се локални избори со суштинска важност за правецот по кој ќе се движи државата. Ова се избори каде со вашиот избор праќате порака до власта. Вашиот глас е порака до тие коишто ја водат земјава 5-та година по ред. Дали сакате да владеат со апсолутната власт уште 4 години или сакате промени? Затоа се обраќам до народот на Македонија, до Македонците, се обраќам до Албанците, до Турците, се обраќам до Ромите, до Власите, до Србите, до Бошњаците, до мажите и жените на нашата Македонија, од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина, или ќе продолжиме со назадување, со лажни надежи, поделби и апатија – рече вечерва Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата, на централниот митинг на кој се претставува независниот кандидат за градоначалник на градот, Данела Арсовска, зад чија кандидатура застана ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски најголемиот глас на овие избори е гласот на тивкото мнозинство.
-Тоа се луѓето чиј глас не се слуша на медиумите, говорниците, на плоштадите. Тоа се луѓето кои живеат мирен живот, тоа е огромното мнозинство кое тихува, работи, и ја чува оваа земја. На нивниот ʹрбет се носат институциите, процесите, тие секој ден ја даваат нивната жртва за нашата земја и молчат, но имаат свој став, сакаат и живеат за своите семејства, копнеат за сигурност, ја сакаат Македонија и кога е добро, и кога е тешко, и во победи и во порази. Тие ја сакаат Македонија со своите срца. Гласот на тивкото мнозинство е гласот на разочарaниот работник, на револтираните млади, на тие кои имаат своја компанија и се борат за дневен опстанок на компанијата која им е сè и за која вложиле сè; на угостителите со кои експериментира оваа власт, на работниците по скелињата, на таксистите по улиците, на просветните и културни работници, на актерите кои сонуваат за големи улоги и полни театри. Тоа е гласот и на музичарите, уметниците, на убавите луѓе во нашите градови. Но и селата, земјоделците, тој работен и правичен народ кој гледа и слуша сè. И сиве овие луѓе на нашата Македонија мора да знаат дека новата иднина зависи од нивниот глас. Гласот на тивкото мнозинство со кој победува надежта и заедничката среќа. На 17-ти излезете и поддржете создавање на нова иднина. Време е за вашиот глас – рече тој.
Лидерот на опозицијата ги повика и разочараните.
Ги повикувам оние кои си бараат причина да не нè поддржат, но и кои сигурно имаат оправдана причина да бидат незадоволни. Никогаш не рековме дека сме безгрешни, ниту пак совршени. Ако го барате моето извинување, јас никогаш не сум го криел тоа. Како човек, оние пријатели кои добро ме познаваат ми велат емпатичноста кај мене е маана, но јас така сум воспитан и немам намера да се менувам и не мислам дека треба да престанам да подавам рака. Време е овој пат да ги оставиме сите наши разлики и да излезете на гласање бидејќи секој глас е потребен, затоа што вашето игнорирање значи глас за Заев кој ќе помисли дека сè му е дозволено и дека може сè да направи.
Им се обрати и на оние кои сакаат да гласаат за, како што рече, условно кажано, помалите партии.
Барам поддршка и од оние кои планираат својот глас да го дадат за условно речено помалите партии. Така само се разделува опозицијата, и не бидете сигурни дека секое отстапување надвор од ова здружено блоковско настапување против власт не е уште еден голем експеримент кој е инвестиција на Заев за ситнење на отпорот, само за да купи уште еден месец повеќе за тендери и власт. Затоа добро измерете, добро проценете дали вреди да инвестирате во нешто што знаете дека нема да ги оправда вашите очекувања. Ад хок партии кои се создадени да го ловат вашето незадоволство и разочараност и да си играат со емоциите на народот, преку испади и трикови кои не можат да донесат реален прогрес. Тоа се екскурзијанти во политиката. Ова за нив е хоби и уште една тезга, а за вас и за целиот народ се работи за вашиот живот. Поддржете нè, затоа што ние ќе го застапуваме вашиот глас, и така ќе има најголема гласност – додаде Мицкоски.
Ја побара поддршката и на оние кои во минатото бајкотираа.
Тоа се оние кои не планираа досега да гласаат за ниту една партија. Не дозволувајте да пропадне вашиот глас. Некогаш неодговорната власт не е само последица на лошите особини на челните луѓе и првенците на власта, туку и поради игнорирањето и незаинтересираноста на добрите луѓе да учествуваат во политиката, тоа се луѓето кои одбрале да молчат кога требале да викаат. Затоа овој пат имајте свој став и излезете на гласање. И сакам да знаете дека не сме исти. Таа фраза е создадена од власта за да ве направат индиферентни, а од таквата незаинтересираност власта само печали и создава повеќе причини да се раскомотува со криминалот и нечесната заработка на вашиот труд. Не сме сите исти, и не сум ист со оние против кои се борам. И треба да бидеме свесни дека останувањето дома скоро никогаш не вродило со плод во минатото, и дека неискажувањето на ставот нè прави помалку одговорни за сите работи кои нè допреле изминативе 30 години. Затоа што години од денес, не е сеедно кога нашите деца ќе прашаат на чија страна сме биле кога се носеле одлуките.
Понатаму нагласи:
Ја барам поддршката и од Македонците, како и од Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите и Бошњаците. Заев иако се фали дека овие гласови ги има во џеб, тоа се слободни идивидуи, кои имаат свој став. Не верувајте во лагите на Заев со кои сака само да ве одврати од поддршка на нас кои носиме промени. Нашата борба е да уриваме ѕидови кои нè раздвојуваат, ние кои израснавме на овој асфалт едни со други никогаш нема да кренеме рака едни против други. Да им покажеме дека сите заедно сме сопственици на своите судбини, и дека ниту една власт ја нема во џеб вашата волја. Доста беа лаги и измами, ајде да работиме за иднината. Да се оттргнеме од коалицијата на бандитите и политичарите, да направиме коалиција на народот против бандитите – рече Мицкоски.
Не ги изостави ниту оние кои традиционално гласале за СДС но си ја сакаат земјата и државата и длабоко во себе знаат дека со Заев нема иднина.
Знаат дека гласот за Заев е глас и за срамот кој ѝ го носи на Македонија, и глас за криминалците околу него, сеедно дали е батето или некој друг од тоа опкружување. Таа партија сега им припаѓа на триесет до четириесет луѓе кои ги ползуваат придобивките од власта и неколкумина климачи околу нив. Затоа не гласајте за Заев и казнете ги политиките кои ни носат порази и ни ја одземаат колективната иднина – рече Мицкоски.
На крај, се обрати на членството:
Барам поддршка и ги повикувам да излезат да гласаат оние на кои црвената и црната боја им се во срцата. Кои ни замеруваат понекогаш дека сме млаки, недоволно остри, дека попуштаме. На овие избори сите ние имаме заеднички противник, името им е СДСМ и Зоран Заев, со кого секој ден Македонија ја има сè помалку. Македонија и мене и вам ни е најважна. И знајте дека ВМРО и Македонија секогаш биле сопатници низ времето и сè додека го чуваме огнот во нашите срца, ќе дојде време и за поголем пламен од кој Македонија ќе се врати.
Comments are closed for this post.