Земјата ги има сите природни убавини и богатства и можеме да бидеме Швајцарија на Балканот, „само што треба да бидеме единствени и да работиме на тоа“.
Ова е дел од извештајот на Фокус.мк од 9 октомври („Можеме да бидеме Швајцарија на Балканот“) од предизборниот митинг на СДСМ во Дебар, а се однесуваат на настапот на премиерот и лидер на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев.
И ова е најмалку вторпат во кампањата премиерот да ја промовира оваа синтагма. Првиот пат беше регистрирана во Велес и тоа благодарение на фејсбук статус на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, но во јавноста изостанаа било какви реакции.
Навистина, што сака да ни порача премиерот Зоран Заев со ваквата само навидум „зелена“ порака за природните убавини и богатства на земјата, која, за жал, има и огромна доза на политика?! Не само заради прокламираната потреба од „единство“ и „работењето на тоа“, туку поради суштинското значење на синтагмата „Македонија-Швајцарија на Балканот“. Зашто, нејзиното изворно руско значење има едно, а преземената од Иван Ванчо Михајлов, контроверзниот штипјанец и последен лидер на историското ВМРО, сосема друго значење. Според првото, значи поделба на географска Македонија на кантони, со постоење на Македонци како различен народ од останатите балкански народи, а според второто, автономија на Македонија, но без постоење на Македонци-коментира „Пресинг ТВ“
Или, со други зборови, што ни порачува премиерот Заев-дека ќе не кантонизира или дека ќе не бугаризира и тоа полека, полека, на рати?!
И тоа во пресрет на 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ, и посебно по дебаклот во Брдо кај Крањ и испорачаните барања од страна на веќе прогласениот „генерал Румен Радев војводата“, како услов за конечно отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Само за потсетување на оние со кратко паметење, едно од основните барања, што сега сите се обидуваат да го минимизираат, беше раскинување со македонизмот!
Во политиката нема случајности и тоа е ноторен факт. Така што споменувањето на Македонија како Швајцарија на Балканот има скриена агенда или од подготвувачите на говорите на премиерот или од самиот премиер или, во крајна линија, заедничка.
Долго време, а можеби и до ден денес, во историската наука, па и во дел од јавноста во Македонија и Бугарија владееше убедувањето дека синтагмата „Македонија-Швајцарија на Балканите“ е оригинална идеја на Иван Ванчо Михајлов. Но, благодарение на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, таа фама или заблуда беше разоткриена од документите, што во 2011 година во Охрид му ги предаде на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.
Лавров на Милошоски му предаде осум документи од руските архиви, што сега се наоѓаат во Државниот архив. Два од нив се од клучно значење. Всушност, се работи за белешки на рускиот конзул во Скопје, А.А.Орлов, и на рускиот конзул во Константинопол, А.М.Петрјаев. Едната се однесува на постоењето на Македонците како посебен етнос, кој говори на посебен македонски јазик, а втората е сугестија за можно решение на македонската криза. Обата датираат од декември 1909 година.
„…Од историски аспект, населението во Швајцарија е производ на движење и владеење на разни народи во текот на неколку столетија. Различните наречја, религиозни убедувања, карактери, обичаи и положба меѓу ривалските држави ни даваат за право Македонија да ја наречеме „турска Швајцарија“. Поделбата на Македонија на неколку десетици кантони (во Швајцарија функционираат 25) и од нив формирање федерација по примерот на Швајцарија, повеќе би одговарало на етнографските карактеристики на таа провинција и на интересите на населението. Притоа, како што видовме, пограничните кантони би се карактеризирале повеќе или помалку како почисти и пооднародени, а средишните би биле повеќе измешани.
При такво уредување на Македонија како и во Швајцарија, училишното образование би морало да биде лишено од конфесионалниот карактер и главните македонски наречја ќе се чувствуваат како рамноправни (во Швајцарија такви еднакво признати се францускиот, германскиот и италијанскиот јазик)…“.
Ова е само мал дел од белешката, што ја напишал конзулот Петрјаев во 1909 година („Дневник“-политички магазин „Публика“ од 18 јуни 2011 година).
За разлика од „Македонија како турска Швајцарија на Балканот“ на Петрјаев, Ванчо Михајлов не само во неговата „Македонија-Швајцарија на Балканите“, туку и во целокупното негово делување се залага за нешто сосема друго. Тој и во неговите Спомени и во неговото последно интервју, што кај нас беше објавено со 12 години задоцнување, јасно порачува дека Македонци не постојат и оти тие се Бугари. Што ќе рече, постоењето на неговата „Швајцарија на Балканот“ подразбира постоење на Бугари, Албанци, Турци, Грци…на сите, само не на Македонците.
Тоа ли ни го порачува премиерот Зоран Заев во изборната кампања за претстојните локални Избори? Дека во Македонија постојат сите, само не Македонци?! Па, и од Заев да е, многу е!
Comments are closed for this post.