Бурно време или затишје пред бура. Денес Владата треба да ги достави нацрт-амандманите за измени на уставот до Собранието. Текстот на уставните нацрт-амандмани се крчкаше доцна во ноќта за сето тоа да биде добро подготвено, зготвено и секако повкусно. Премиерот изјави дека може ќе бидат четири, може да бидат пет, а може да бидат и шест. Тоа не се знае. Затоа што се типува, ама баш како во обложувалница. Ете таква е состојбата со уставните нацрт-амандмани деновиве. И секако за тоа се чека до последната минута за да бидат доставени до Собранието.
Во врска со идните нацрт-амандмани, едно од барањата на новата пратеничка група „славната осумка“ е да се прифати иницијативата на Премиерот изкажана во Собранието за простување во врска со настаните од 27 април минатата година и сеопфатно национално помирување. Во таа насока опозицијата излезе со предлог закон за амнестија за 27 април со кој се предвидува да се ослободат обвинетите, казнетите и осомничените за тие настани. Тој предлог на опозицијата беше отфрлен од страна на Премиерот со оправдување дека тоа е мешање во работата на судството.
Е сега, што ќе значи тоа национално помирување, сега откако скоро го достигнавме дното во меѓусебното разделување. Но, кај нас можеби и дното има дно. Којзнае. Еден од критериумите за пристапување во ЕУ е државата да има стабилни институции, коишто ја гарантираат демократијата, владеењето на правото и човековите права. Се согласувам дека секој што погрешил пред законот мора за тоа и да одговара пред законот. Само така се обезбедува правната држава и се исполнува правдата. Ако тоа така функционира кај нас, значи ете ние веќе сме го исполниле тој критериум за да се зачлениме во ЕУ.
Но, со пазарењата меѓу власта и „славната осумка“ гледаме дека кај нас правото владее според договор со власта. Така, на тој начин оние што го дадоа својот глас во подкрепа на уставните измени, сега гледаме дека може и се на пат да си обезбедат и своја правда во форма на помирување.
Амнестија, простување или помирување? Според власта амнестија не, но простување и помирување да, секако во замена за поддршка. Значи селективна правда. Што би рекол народот „кај што има сила, нема правдина“.
Ете дури и синоќешната средба на Премиерот со „славната осумка“ покажа дека нивните ставови се изедначени и нема разлика. Значи дека договор е постигнат, правдата ќе биде задоволена, а со тоа сигурно и гревовите простени. Ете значи тоа треба да биде простувањето и националното помирување. Значи дека имаме правна држава, каде што работи селективната правда во договор со власта за поддршка за исполнување на политичката агенда. Ете фино, значи дека сме подготвени за ЕУ. Значи дека веќе може да го фатиме авионот и преку Атина да продаваме селективна правда во ЕУ, па може и да им кажеме дури и како, ако они во ЕУ не знаат како.
Comments are closed for this post.