Човекот според кого е именуван популарниот херој од видеоиграта „Супер Марио„ почина на 84-годишна возраст, соопшти Би-Би-Си. Неговото име е Марио Сегале. Тој бил градежен претприемач од италијанско-американско потекло и живеел во американската држава Вашингтон.
Во 80-тите години на минатиот век Сегале и издал под наем склад за работа на компанијата „Нинтендо„. Во знак на благодарност, вработените кои работеле на видеоиграта одлучиле главниот херој да го именуваат според него.
Во 1993 година, Сегале, во интервју за „Сиетл тајмс„, се пошегувал дека очекува да му бидат исплатени авторски права за името.
Интересен е фактот дека првично создавачите на играта, главниот херој во неа го нарекувале „Џампмен„, додека не одлучиле да му дадат вистинско име.
Сегале во текот на животот стоел настрана од славата околу тој дел од неговата историја и место тоа, претпочитал да биде познат според сопствените постигнувања. Тој бил женет, имал четири деца и девет внучиња.
Видеоиграта со Супер Марио е една од најпознатите на сите времиња. Последната игра била продадена во над 12 милиони примероци.
Comments are closed for this post.