Премиерот Зоран Заев вчера најави промена на термините во учебниците по историја поврзани со „бугарскиот фашистички окупатор“ за време на Втората светска војна, како чекор за надминување на недоразбирањата со Бугарија. Според неговото објаснување, ќе се отстрани терминот „бугарски“ и ќе остане само „фашистички окупатор“.
-Се зборува за термини каде што стои називот на пријателската нација, тоа е Бугарија. Никаде во Европа не се спомнува името на нацијата, се спомнува фашистичкиот окупатор и во тој дух, духот на пријателството, соработката и добрососедството, нормално, очекуваме тоа да се направи, изјави Заев.
Во однос на спомениците, пак, рече дека голем дел од нив, што ги има и во Бугарија и во Македонија, треба да бидат во пријателски дух, така што, посочи, фашизмот не смее да има етничка димензија.
– Во одредени наши споменици веќе тоа е направено. Каде што стоело бугарски фашистички окупатор сега веќе е фашистички окупатор, затоа што не можете нација да обвините за тоа, за учество во третиот пакт (веројатно мисли на Тројниот пакт-н.з.) во тоа време или слично. Така што во тој дел кај што прашувате за промена на називи, на музеи и слично не, немаме потреба. Нас музеите ни се во ред, туку одредени споменични целини, одредени учебници и во Македонија и во Бугарија, односно во двете страни ќе треба во духот на пријателството да ги учиме и следните генерации, рече Заев.
Наспроти искреите желби за добрососедство и пријателство со Бугарија, изјавата на премиерот има неколку слабости.
Прво, дистанцирањето на бугарската фашистичка власт од бугарскиот народ и нација, е направено уште со Манифестот на Главниот штаб на НОВ на Македонија во 1943 година.
Второ, за Бугарија се спорни две работи-врзувањето на фашизмот за неа и дали таа ја окупирала или ослободила југословенска Македонија, што значи дека не е спорна употребата на името на државата Бугарија од што произлегува и идентитетската придавка бугарски или, како што вели Заев, пријателската нација.
Оттука, со отстранувањето на терминот „бугарски“ и останувањето само на „фашистички окупатор“, фактички, Заев не го решава проблемот. Напротив, го усложнува. Зашто, клучното прашање-кој фашистички окупатор?-останува без одговор.
Трето, според објаснувањето на Заев, излегува дека за време на Втората светска војна југословенска Македонија била окупирана само од Италија за која се врзува фашизмот, а не и од Германија за која се врзува нацизмот, што апсолутно не соодветствува со историската вистина. Па, трката за добрососедство и пријателство фактички се претвора во ретуширање и искривување на историските факти.
Четврто, со својата изјава премиерот Заев целосно ја девалвира работата на Заедничката мешовита комисија за прашања од историјата и за учебниците, зашто таа се уште не е дојдена до периодот на Втората светска војна.
Петто, ако Заев може да ги смени термините во македонските учебници, значи ли тоа дека ќе ги менува и термините во Енциклопедија Британика или во меморијалните музеи на холокаустот во Вашингтон и во Скопје или, пак, содржината на Парискиот мировен договор од 1947 година?
Во сите документи од енциклопедијата, музеите и мировниот договор се користат термините „Бугарија“ или „бугарските окупаторски власти“, „бугарски власти“, „бугарската окупација и подемот на нацизмот“, „бугарската армија и полиција“…
На крајот, пред да започне со новиот циркуз со бруслака да ја пишува историјата на спомениците и спомен-обележјата, добро би било премиерот Заев да направи сериозни консултации околу тоа што точно трeба да се избруси!
Comments are closed for this post.