Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во вторникот добило документација за модуларната болница во Тетово од Бирото за јавни набавки, а вчера по 14 часот е добиена и од Министерството за труд и социјална политика. Дури денеска истражителите почнаа со првично разгледување на истата.
Ова денеска го изјави Вилма Русковска, шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, одговарајќи на новинарско прашање дали ја добиле документацијата, што се истражува и дали имаат некакви првични сознанија, за пожарот во тетовската модуларна болница.
-Утринава се почна со разгледување на документацијата и немам никакви поконкретни сознанија, нагласи Русковска.
Прашана што ќе проверува Обвинителството, Русковска потенцира дека Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е наделжно само во делот на јавната набавка и само тоа ќе се проверува, односно дали се испочитувани процедурите, дали оваа набавка одела и според посебен Закон, што го има донесено Владата.
-Тоа е само наша надлежност, друго не, подвлече Русковска.
Во врска со тоа дали имаат информации кој го направил техничкиот прием, Русковска повтори дека немаат информации за тоа, а техничката спецификација, како што информира, ја добиле на англиски јазик и веднаш ја скенирале и по мејл ја испратиле во Обвинителството во Тетово за да можат експертите од Германија да се запознаат со истата.
-Тоа се документи од набавката и колку што имам првични информации, наши експерти ја направиле техничката документација, а од Светска банка направиле одредени корекции на таа техничка документација и им испративме на колегите за да можат експерите да проверат дали модуларните болници се набавени и направени во согласност со таа техничка документација, која е одобрена од страна на Светската банка, појасни шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Русковска истакна дека Јавното обвинителство има посебна страница во рамки на Јавното обвинителството и сите нивни предмети и известувања редовно се прикачуваат на таа страница.
Таа не се согласува дека не се транспарентни и оти нема изјави, информации или соопштенија по предметите по кои тие постапуваат.
-Ние сме секогаш отворени за соработка, формално во рамките на тоа колку се дозволува да откриеме поединости за одреднеи предмети, изјави Русковска.
Comments are closed for this post.