Зборувајќи за пописот на населението, кој започнува во недела, министерот за правда, Бојан Маричиќ предупреди дека постојат казни за граѓаните што би одбиле попишувачи.

Нормално постојат и прекршочни мерки, односно глоби за оние кои би одбиле попишувачи, меѓутоа ние не сакаме како институција и како Влада воопшто да посегнуваме по тие методи. Сакаме да ги мотивираме и затоа и ја правиме оваа кампања, и јавно ги повикуваме граѓаните да се попишат бидејќи нема никаков интерес да не се попишат, посочи Маричиќ во гостувањето на емисијата „10 минути“.

Според Маричиќ доволен е бројот на попишувачи и лицатакои ќе бидат задолжени за пописот.

Најголемиот дел од попишувачите се самопријавени на огласот. Го продолжувавме повеќе пати, а еден ограничувачки фактор е што во законот стои дека попишувачите мора да бидат невработени, односно да не бидат во постојан работен однос, така што многу малку беа заинтересирани на самиот почеток, вели Маричиќ и додава дека во некои населени места фалат попишувачи, но тие ќе бидат надоместени преку лицата кои се ангажирани преку договор на дело во институциите.