Иако Тетово и Гостивар се градовите каде што ширењето на новата делта варијанта на корона вирусот доби најголем интензитет, здравствените власти проценуваат дека нема потреба од карантин во регионот, пренесе, Алсат М.
Министерот за здравство Венко Филипче, рече дека болниците во полошкиот регион се полни, но медицински персонал од Скопје ќе дојде да помогне, а пациенти ќе се носат во болниците во главниот град бидејќи капацитетите се зголемени.
Од почетокот на пандемијата, критериум за прогласување карантин на една област беше пренатрупаноста на болниците и недостигот на медицински персонал за лекување на сите пациенти, но актуелната состојба во Тетово и Гостивар не е доволно, според централните власти, да се стави регионот во карантин.
„Можам да кажам дека Кризниот штаб во Општина Тетово внимателно ја следи ситуацијата со пандемијата Ковид-19, но досега не одлучи да поднесе такво барање. Во понеделник имаме состанок на кој ќе се дискутира и ќе се донесат одлуки што ќе ги спроведат соодветните институции. Во наредните денови имавме поголем прилив на пациенти кои дојдоа со симптоми и должни сме да ги тестираме затоа што имаме препораки од Светската здравствена организација и Министерството за здравство. Другите прегледи продолжуваат, освен кај пациенти кои имаат изразени симптоми на Ковид-19“ – изјави Лиридон Диша, Кризен штаб во Тетово.
Веднаш по Скопје, Тетово и Гостивар се рангирани меѓу градовите со најголем број дијагностицирани во овој четврти бран на пандемијата. Во текот на изминатите 24 часа, околу 300 нови случаи се потврдени во двата града, а вчера починале 6 лица. Во моментов во Тетово има 1.668 активни случаи, а во Гостивар 1.373.
Comments are closed for this post.