Лидерите на Србија, Албанија и Македонија, фрустрирани од доцнењето во процесот на проширување на Европската унија, одлучија да ја реализираат идејата за формирање на сопствена зона без граници, пишува вчера британскиот весник „Фајненшл тајмс“.
Во написот со наслов „Балканското трио формира „Мини-Шенген“ додека остро го критикува одложувањето на членството во ЕУ“, лондонскиот весник пишува дека лидерите на трите земји ветија дека ќе ја спроведат идејата позната како „мини-Шенген“ додека чекаат ЕУ да ги прими во членството.
Весникот наведува дека зоната „Мини-Шенген“, по примерот на аранжманот за слободно движење во рамките на ЕУ, ќе биде официјално претставена утре и ќе вклучува постепено олеснување на ограничувањата за патување, таканаречени „зелени коридори“ на границите, односно непречен проток на стока, скратено време на чекање за камиони и полесен пристап до работните дозволи.
„Фајненшл тајмс“ го цитира српскиот претседател Александар Вучиќ како вели дека Белград „е свесен дека има замор во процесот на проширување на ЕУ“ и дека земјите од регионот „сами треба да се уверат што можат да направат за својот народ и како можат да ги прошират пазарите“.
Премиерот Зоран Заев, изрази фрустрација што „ЕУ не ги исполнува“ ветувањата, наведувајќи дека Скопје „треба да ги зголеми конкретните придобивки за своите граѓани“, пишува британскиот весник.
Весникот го цитира и албанскиот премиер Еди Рама, кој соработката со Брисел ја спореди со претставата на Самуел Бекет „Чекајќи го Годо“, во која двајца мажи водат апсурдни разговори чекајќи некој што никогаш нема да дојде.
Весникот ја цитира изјавата на Вучиќ дека целта на „мини-Шенген“ зоната е да се промени доминантниот наратив во регионот, и внатрешно, во смисла на ублажување на етничките тензии, и надворешно, во форма на стремеж кон членство во ЕУ и поголеми инвестиции .
„Кога луѓето ќе имаат повисоки плати, ќе размислуваат за подобар живот, а не за сенките од минатото“, се наведува во лондонскиот весник за зборовите на Вучиќ.
Весникот потсетува дека Македонија го смени името со цел да ја задоволи Грција, која го блокираше нејзиниот напредок на европскиот пат и се повикува на изјавата на Заев дека Брисел го предал регионот. Македонија беше примена во НАТО минатата година, кратко време по промената на името на земјата, но ЕУ сè уште не ги отвори преговорите со Скопје, додава весникот.
„Крајната цел е да станеме членка на ЕУ. Но, сè додека ЕУ не одлучи, треба да најдеме начини да го продолжиме процесот на европеизација“, беше цитиран Заев.
Comments are closed for this post.