Обвинителството минатата недела изненадно побарало поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски од куќен притвор да биде вратен пак во истражниот затвор во Шутка, но Кривичниот суд го одбил барањето на Обвинителството.
Информацијата дека барањето на Обвинителството Рашковски да биде вратен во Шутка е одбиено, прво од судија на претходна постапка, а потоа и од тројца судии во кривичниот совет ја објави порталот Сакам да кажам кој толкува дека осомничениот најверојатно прекршил некои од условите што требало да ги почитува во куќен притвор.
Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска само кратко ни изјави дека барањето било поднесено минатата недела и дека имале причини за да бараат преиначување на притворот. Но, Русковска не сака да навлегува во тоа кои се причините бидејќи се работело за истрага. Наводно, според неофицијалните информации Рашковски разговарал со други осомничени во истрагата за набавка на софтверот за сообраќајни прекршоци.
Рашковски е осомничен дека како генерален секретар купил софтвер за автоматско казнување на сообраќајни прекршоци иако Министерството за внатрешни работи тоа не го побарало и не го користи софтверот.
Потоа Обвинителството отвори уште една истрага за злоупотреба која се однесува на уште еден тендер за систем за биометриска идентификација. Обвинителството го осомничи Рашковски и за друга злоупотреба – дека му плаќал месечна сума од 80 000 денари барем на еден хонорарец, кој потоа бил задолжен да му враќа дел од таа сума.
Тој беше во Шутка месец и половина, а потоа со одлука на Апелација затворскиот му беше заменет со куќен притвор.
Comments are closed for this post.